Македонскиот шампион Шкендија утревечер во Скопје го пречекува летонскиот првак Рига со надеж дека ќе успее да ја надомести негативата од 0:2 од првиот натпревар и да избори пласман во 3. коло во УЕФА Конференциската лига.

По стартната елиминација во Лигата на шампиони од словенечка Мура со вкупни 0:6, фудбалерите на Шкендија ја продолжија серијата без постигнат гол и на првиот натпревар во Рига и се пред тешка задача да ги продолжат настапите во еврокуповите.

– Во Рига загубивме со 0:2, но поразот беше плод на наши грешки. На утрешниот реванш искрено мислам дека можеме да победиме. Мораме да ги сведеме грешките на минимум и конечно да почнеме да даваме голови, изјави напаѓачот на македонскиот првак Бесарт Ибраими на вечерашната прес-конференција.

Натпреварот Шкендија – Рига се игра утре на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 20 часот. Според протоколите, скопската Арена ќе може да биде исполнета до 30 отсто од капацитетот.