Оркестарот на Македонската филхармонијата денеска напладне ќе го одржи традиционалниот новогодишен концерт за деца, насловен „Замисли желба“.

Раскажува приказна за новогодишните желби кои секое дете си ги посакува на крајот од годината, а поентата и мотивот во приказната, како што наведува Филхармонијата, се дека не треба да се фокусираме на материјалното, дека треба да бидеме хумани и да им помагаме на луѓето.

На програмата се познатите новогодишни песни „Twinkle, twinkle“, „Jingle bells“, „Do You Want to Build a Snowman“ од „Фроузен“, „Tomorrow“ од мјузиклот „Ени“, како и класични ремек-дела од Гуно, Офенбах, Чајковски… Низ приказната ќе ги води наратор – актерот Мартин Јорданоски.

Покрај оркестарот на Филхармонијата што ќе го води диригентот Сашо Татарчевски, ќе настапи и хорот „ПроАрс“. Аранжманите за дел од композициите се на Ангел Спироски.

– Концертите за најмладата публика се важен сегмент од програмската политика на Филхармонијата. Овие концерти имаат приспособена содржина, наменски креирана за најмладите, преку која на непосреден начин се едуцираат и се запознаваат со класичната музика. Концертите имаат различен концепт, замислени се како музички приказни кои преку текст и музика им ја доближуваат класичната музика на најмладите, соопшти Филхармонијата.