Во организација на Здружението за култура „Транзен“, вечер во Театарот „Антон Панов“-„Сцена 112“, ќе се одржи премиера на монодрамата „Кротка“, според новела на Фјодор М. Достоевски.

Драматизацијата на текстот и режијата е на Дејан Ангелов, главната улога ја игра актерот Стојан Велков-Трн, а музиката и музичкиот перформанс во претставата е на Ставре Ангелаков. Сценографијата и дизајнот се на ликовниот уметник Никола Пијанманов.

Новелата „Кротка“ е едно од подоцнежните дела на Достоевски. Таа е напишана според вистински настан за кој Достоевски дознал од петербуршките весници – самоубиството на млада, сиромашна девојка, која скокнала од прозорецот, држејќи ја семејната икона во рацете. Во новелата, Достоевски ја слика бурната драма на судирот меѓу две личности, меѓу два пола, меѓу две генерации. Новелата го покажува мајсторството на Достоевски во длабинското продирање во човековата психа, како да го снима процесот на мислење и функционирањето на психичките механизми.

Претставата се реализира во копродукција со Народниот театар „Антон Панов“ од Струмица, а финансиски е поддржана од Г1 програмата на Општина Струмица.