Дваесеттина лица се повредени во судирите меѓу демонстрантите и полицијата на синоќешните антивладини протести во Тирана, соопшти албанското Министерство за здравство и социјална заштита.
Во Универзитетската болница во Тирана лекарска помош побарале 21 лице, меѓу кои осум полицајци, 10 демонстранти и тројца случајни минувачи.
Министерот за внатрешни работи Ервин Демо изјави дека во протестите кои четврти ден по ред се одржаа во Тирана, досега се повредени вкупно 156 лица, од кои 97 се полицајци.
Демонстрантите синоќа фрлале камења кон полицијата, оштетиле јавна инфраструктура и палеле клупи и канти за отпадоци.
Протестите траеле повеќе од 10 часа, пред парламентот и во близина на кабинетот на премиерот Еди Рама.

Тензиите ескалирале во близина на парламентот, каде што полицијата употребила водени топови за да ги растера демонстрантите, откако тие продолжиле да фрлаат камења кон полициските службеници.
Протестите, предводени од студенти кои бараат оставка од премиерот Еди Рама, доаѓаат по неколкумесечни мирни собири за кои студентите тврдат дека владата ги игнорирала.
Организаторите велат дека „владата ги довела до крајни граници“, порачувајќи му на премиерот Рама „да поднесе оставка што е можно поскоро, пред сè да изгори“.
Студентите ги обвинуваат властите за корупција и за запоставување на образовниот сектор, како и за продажба на недопрен дел од албанското крајбрежје за изградба на одморалиште поврзано со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Освен во Тиарана, протести вчера се одржале и во Лежа, Елбасан, Скадар и Корча.




