Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа за време на предизборен собир во сојузната држава Џорџија, се пошегува за популарноста на името „Мухамед“ во исламскиот свет.
– Знаете, ако некогаш се двоумите за нечие име на Блискиот Исток, само кажете „Мухамед“. Имате 65 отсто шанси да погодите само со тоа што ќе речете: „Здраво, Мухамед“. Јас го правам тоа со години и никогаш не сум згрешил, им рече Трамп на присутните републикански поддржувачи на аеродромот во Далтон, Џорџија.
Трамп го даде овој коментар додека зборуваше за Иран.
– Иран е единствената земја каде што никој не сака да биде претседател, изјави Трамп, тврдејќи дека прашал неколку луѓе со име Мухамед дали ја сакаат таа функција.
Присутните на собирот во Далтон, како што пренесуваат американските медиуми, реагирале со молк на шегата на Трамп.
Американскиот претседател на собирот повтори дека никогаш нема да дозволи Иран да поседува нуклеарно оружје.
Далтон е центар во претежно конзервативниот северозападен регион на Џорџија. Оваа сојузна држава се посочува како едно од најнеизвесните боишта меѓу републиканците и демократите на претстојните избори.
Меѓуизборите за Конгресот на САД се закажани за 3 ноември.




