Покрај досегашните тендери за фстаци Министерството за одбрана наскоро ќе реализира и јавна набавка на војнички чизми за припадниците на АРМ. Како што денеска изјави министерската за одбрана Радмила Шеќеринска, за три месеци војската ќе облече нови цокули.
– Членството во НАТО не ни е само политичка цел, туку и шанса АРМ да функционира подобро, а нејзините припадници да имаат подобри услови за работа. Денеска го потпишав Договорот со кој АРМ ќе обезбеди нови 7.200 војнички чизми, буквално за секој нејзин припадник, изјави Шекеринска, која пред почетокот на првиот студентски час се обрати на новата генерација питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје.
Шекеринска информира дека одлуката за јавна набавка веќе беше прикачена на системот за јавни набавки, а договорот е потпишан денеска. Се работи за домашна фирма, во доминантно хрватска сопственост. Ќе бидат обезбедени околу 7.200 чизми во вредност од околу 650.000 евра.
– Овој процес го почнавме на самиот старт на годината, низ транспарентна постапка, со технички дијалог, со шанса за сите фирми да учествуваат, рече Шекеринска и изрази задоволство што овој договор станува важечки.
Ваква набавка која, како што рече, ќе оди буквално до секој војник во армијата досега не е реализирана. Последен пат војнички чизми биле набавени во 2012 година, но и тогаш немало за сите припадници на АРМ.
Шеќеринска изјави дека согласно правилата во огласот за јавна набавка, целосната испорака на чизмите треба да се случи во рок од 90 дена.