На спортскиот комплекс во Неготино денеска од 16 до 18 часот, ќе се реализира отворена презентација на средства и опрема на армиите кои учествуваат на големата меѓународна воена вежба Swift Response 22 .
Граѓаните на Неготино и околнината ќе имаат можност да се запознаат со дел од воените возила, вооружување и опрема кои се користат од страна на армиите кои учествуваат на оваа најголема досега изведена вежба во РепубликаМакедонија.
Покрај презентацијата, присутните ќе имаат можност преку директна комуникација со армиските припадници поблиску да се запознаат со карактеристиките на средствата, постапките и процедурите кои ги извршуваат армиските припадници и да се фотографираат со истите.
Вежбата Swift Response 22 која се уште е во тек, е досега и единствена од осамостојувањето на државата во која се реализираа воздушни десанти во поголем обем. Во вежбовните активности кои се изведуваат во Македонија учествуваа армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Црна Гора, Грција, Албанија и македонската.
За време на изведување на вежбата, покрај големиот број комбинирани вежбовни активности во воздух и на копно се спроведоа и повеќе активности од цивилно воена соработка, меѓу кои беше и приказот на воздухоплови на спортскиот аеродром Стенковец, кој се одржа на 8 мај, како и претходно изведениот заеднички концерт на припадници од воените оркестри на Армијата на Македонија и Армијата на САД за Европа и Африка.