Ексминистерот и вицепремиер, во сите влади на Зоран Заев, Никола Димитров, „на патерица го честита празникот на СДСМ“ 17 мај.

Изутрина, кога на Фејсбук фрчеа честитки од СДСМ од сите страни, Димитров ОБЈАВИ слика како пие пиво во Берлин. Но, доцна синоќа на неговиот профил на Фејсбук честиташе и објави сеќавање на 17 мај 2015 година, откако тоа го сторија Оливер Спасовски, Зоран Заев и редица сегашни и бивши министри и функционери.

Во продолжение објавата на Димитров во целост:

Дел од настапот на 17 мај 2015, ден што никогаш нема да го заборавам. Пораки што беа суштински пред 7 години, но исто така многу суштински и денес:

… Преважен е моментот за старите верности – слепо да следиме букви или партии или личности. Треба да бидеме верни на идеја и на принцип.
Кој и да дојде после Груевски, ќе го држиме под притисок: Кога бараме независност на судството, тоа значи дека утре нема да именуваме наши судии.

Кога бараме систем слеп за партиска припадност и еднакви шанси за сите, тоа значи дека утре нема да бараме работа да ни даде партијата што ја поддржуваме.

Кога бараме независност на медиуми, тоа значи дека утре нема да се обидуваме да ги контролираме.

Кога бараме силни институции, тоа значи дека утре нема да правиме ујдурми со јавните набавки, нема да има наши или туѓи компании и злоупотребени инспекции.

Време е да излеземе од лошиот круг. Време е за револуција на совеста. Време е за нов почеток! Време е за новото сонце на слободата! За сите! Да живее Македонија! Да живеат разбудените граѓани на Македонија! Да живеат и неразбудените, и нив ќе ги разбудиме!- ја завршува објавата Димитров.

Од неговиот мандат ќе остане запаметен како потписникот на договорот со Грција за смена на името на Република Македонија и државната стипендија за неговата ќерка да се школува во странство.

Инаку, во последно време, откако Димитров веќе не е министер, честопати во медиумите се пројавува со ставови спротивни на актуелната Влада и со „патриотски изливи“.

(Д.Г.)