Вкупно 2.964 кандидати се пријавиле за полициски службеници на последниот јавен конкурс на МВР објавен во декември лани, на кој треба да се вработат 600 полицајци.
Од пријавената бројка 2.365 се мажи, а 599 се жени, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска го посети Центарот за обука во Идризово каде почна процесот на фазна селекција на кандидатите.
– Оваа бројка што е далеку поголема од бројката на претходниот јавен оглас кога имавме вкупно 2.391 пријавен кандидат доволно говори како за евидентниот интерес кај младата популација за полициската професија така и за позитивниот имиџ на Министерството меѓу оваа категорија граѓани, рече Спасовски.
Во рамки на сеопфатниот концепт на проверки, додаде Спасовски, кандидатите ќе минат прво физички, потоа психолошки проверки, па проверки на знаењата преку општо образовен тест и на крајот безбедносни и здравствени контроли притоа почитувајќи ги нужните епидемиолошки, односно здравствени протоколи. До крајот на март, односно почетокот на април треба да биде заокружен целиот селективен процес со прецизно бодовно рангирање на сите кандидати, по што ќе следи процесот за избор на кандидати.
-Согласно Законот за внатрешни работи, 660 кандидати ќе бидат избрани, односно за 10 проценти повеќе од предвидената бројка на барани извршители кои ќе бидат упатени на основна обука за полицаец со потпишување на договор за отпочнување на едногодишна обука за полицаец. Потоа, преку теоретска и практична едукација во три образовни модули во траење од по четири месеци како што налага стандардизираната процедура преку рангирање ќе бидат избрани идните 600 полициски службеници на МВР со коишто ќе склучиме договори за вработување на работна позиција приправник полицаец со обврска најмалку пет години да работат во МВР, рече министерот Спасовски
Тој изрази уверување дека и овој пат како и претходно одговорните во Центарот за обука, односно сите инволвирани во овој процес целосно ќе ги испочитуваат високите стандарди и критериуми пропишани за избор на најдобрите кандидати.