Лука Дончиќ повторно се врати во игра, откако ги пропушти последните четири натпревари за Далас, поради повреда на десниот глужд. Словенечката stвезда му помогна на тимот да го добие дербито на Тексас против Сан Антонио со 102-98 и со тоа да стигне до својата 20-та победа досега во сезоната.

Дваесет-годишниот Европеец повторно беше близу до „трипл-дабл“ против Спарс. Дончиќ постигна 33 поени, 10 скокови и 8 асистенции за 33 минута игра, но тој немаше свој ден при шутот од тројка, завршувајќи со 1/6 од далечина.

Другите четворица од почетните пет на Маверикс исто така завршија со двоцифрен број на поени. Тим Хардавеј Џуниор постигна 17 поени, Кристап Порзингис и Доријан Фени-Смит постигнаа 13, додека Двајт Пауел заврши со 11 поени и 7 скокови. Делон Рајт успешно се вклучи од клупата со 12 поени, 5 скока, 4 асистенции и 3 украдени топки.

Демар Дерозан со 21 поен, Руди Геј со 18 и ЛаМаркус Олдриџ со 17 беа топ реализатори за гостите.

Останати резултати во НБА:

Детроит – Вашингтон 132-102
Бруклин – Њујорк 82-94
Оклахома сити – Мемфис 97-110
Сакраменто – Минесота 104-105 (прод)
Јута – Портланд 121-115