Милвоки ќе игра во финалето на НБА лигата против Феникс, откако синоќа во шестиот натпревар од финалната серија на Истокот со 118:107 ја совлада како гостин Атланта и победи со вкупен резултат 4:2.

Крис Мидлтон со 32 поени и Џру Холидеј (27) беа најефикасни во редовите на Милвоки, кој единствената НБА титула ја освои во 1971 година, а последен пат настапи во финале три години подоцна.

На Атланта не и помогна ниту Тре Јанг, кој се врати на теренот по повредата, завршувајќи го натпреварот со 14 поени и девет асистенции. Најефикасен во домашниот тим беше Кам Редиш со 21 поени, додека Богдан Богдановиќ уфрли кош помалку.

Првиот натпревар од финалето се игра во вторник во Аризона, бидејќи Феникс имаше подобар ефект во регуларниот дел од сезоната.