Недовршениот автопат, кој се гради седум години и кој одамна требаше да биде пуштен во употреба, денеска ќе биде посетен од уште една државна делегација за да пушти во употреба нови изјави и нови надежи за овој инфраструктурен проект кој го почна Влада на поранешниот премиер Никола Груевски, а беше закочен по доаѓањето на власт на сегашната гарнитура, чии претставници денеска ќе одат во Кичево.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, првиот вицепремиер Артан Груби и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми денеска ќе извршат увид во изградбата на автопатот Кичево-Охрид кај Извор каде е сместен кампот на изведувачот на работите – кинески Синохидро.

Министерот Бочварски веќе најави дека во Собранието следниот месец ќе биде доставен предлог закон  со којшто ќе се овозможи склучување нов анекс на договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид за да  се продолжи рокот за изградба. Се уште се преговара за колку време ќе биде продолжен рокот за автопатот што со сегашниот анекс на договорот со изведувачот – кинески „Синохидро“ истекува во јуни.

Прогресот на работите на автопатот во должина од 57 километри изнесува 62 проценти, а Министерството за транспорт во изминатите месец и половина одобрило 20 од предвидени 70 инфраструктурни проекти за измени на трасата. Автопатот почна да се гради во 2014 година.

Актуелната власт, предводена од премиерот Зоран Заев, која тера втор мандат, од успесите за автопати ќе остане запаметена само по големиот чочек на пуштањето на делницата од автопатот кон Грција, која исто така ја изгради „режимот на Груевски“. Денешниов ќе биде само мал чочек, а за големиот чочек за автопатот кон Охрид ќе почекаме уште долго.