Континуирано расте просечната месечно исплатена нето – плата по вработен, соопштуваат од Владата.

Во соопштението наведуваат дека согласно податоците на Државниот завод за статистика, во март 2021 година изнесувала 28.217 денари, што е за 6,8 отсто повисока од истиот месец во 2020 година или зголемувањето изнесува 1.795,00 денари за една година.

Според денешните податоци на ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: уметност, забава и рекреација за 17,9 отсто, дејности на здравствена и социјална заштита за 12,3 отсто и информации и комуникации за 12,1 отсто.

Се додава дека зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите рударство и вадење  камен за 14,9 отсто, дејности на здравствена и социјална заштита 5,3 отсто и градежништво 4 отсто.

-Oд почетокот на годината се забележуваат позитивни движења во економијата. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на Буџетот. Владата континуирано креира поволен деловен амбиент за раст и развој на стопанството, како и на севкупната економија. Покрај растот на просечната плата, расте и извозот, индустриското производство, внатрешната трговија, дополнително расте и кредитирањето како на домаќинствата, така и на корпоративниот сектор, истакнуваат од Владата и додаваат дека ваквите позитивни движења во економијата, даваат сигнал на стабилизирање и раст, кој согласно владините проекции ќе изнесува 4,1 отсто за 2021 година.

Тоа е статистиката на Владата и нејзините институции, а во реалноста во последниве години десетици илјади вработени останаа на улица, без работа и без плата. И беа затворени голем број фирми. А просекот нараснал од зголемувањето на платите во секторот уметност, забава и рекреација… И токму во период на пандемијата кога се беше замрено во овој сектор!?