Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека најмалку двајца пратеници од власта кои немаат безбедносни сертификати го имале на увид договорот со Бехтел и Енка за автопатите.

– Уште еднаш гледаме дека парламентарното мнозинство самостојно си одржува координации и самостојно носи заклучоци како што нив им одговара, па така гледаме дека денес донеле некои заклучоци кои што ја промашуваат суштината на барањето на пратениците од опозицијата, изјави денеска Антониот Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека суштината на барањето од ВМРО ДПМНЕ е според Законот за класифицирани информации.

– Ние не бараме договорот некој министер да ни го раскажува, ние бараме и имаме право Договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страници договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули кои што се штетни по буџетот на Република Македонија. Тоа е нашето барање, вели Милошоски.

Тој одговори и на прашањето зошто опозицијата смета дека ова барање им следува на пратениците.

– Затоа што веќе е направен еден преседан. Самиот Договор имале можност да го видат 8 пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ. Тоа се оние кои ги поднеле 8-те закони за измени во Собранието поврзани со автопатите на Артан и Ковачевски иако знаеме дека најмалку двајца пратеници од овие осум, немаат безбедносен сертификат. И сега, ако можел некој пратеник колега да има увид во Договорот без безбедносен сертификат и да прави предлог за законски измени на 8 клучни закони, вклучително и Законот за работни односи, тогаш можат сите пратеници да го добијат Договорот, во најмала рака сите оние кои што имаат безбедносен сертификат, да имаат време да го разгледаат и потоа Собранието на затворена седница да ги слушне забелешките, критиките, пофалбите или обвинувањата за штетните клаузули од страна на пратениците. Тоа е нашето барање. Очекуваме власта да постапи согласно Уставот и Законот за класифицирани информации, согласно Деловникот и да ни го достави Договорот, кој откако ќе го разгледаме, ќе закажаме затворена седница и ќе расправаме по истиот, бидејќи пратениците имаат надлежност и обврска да ја контролираат работата на владата, рече Милошоски на прес-конференција.