Турски театар-Скопје ќе ги одбележи седум децении постоење во 2020-та на сцената на Театар Комедија, каде што работи во изминатите неколку години,  затоа што објектот што за овој ансамбл се гради пет години во близина на Железничката станица е карабина и далеку од конечна реализација.

Според в.д. директорката Несрин Таир, неопходно е да се среди фасадата и покривот за што, според нејзините сознанија,  потребни се околу 115 милиони денари, за да се заштити и она што е досега изградено.

На прес-конференција денеска, по повод новата премиера на ансамблот, таа рече дека уште во јануари 2019, кога станала в.д. директор, се заинтересирала во Министерството за култура и Владата до каде е процесот, што е направено и колку е потрошено, но дека не е надлежна да навлегува за изграденото досега, како што рече, со многу анекси и со многу повеќе потрошени средства.

– Колку што ми дозволува надлежноста, праќав писма. Одговорија дека се прави сè за да продолжи изградбата на Турски театар и да може да се реши дупката од две и пол години што ништо не се правело поради потрошените средства дотогаш, затоа што во изградба работите се менуваат. Потрошени се средства кои, веројатно, некои ги решава. Јас не ги решавам. Во тоа немам увид, но имам сознанија  дека за следна фаза за изградба се потребни 115 милиони денари за фасада и за покрив. Очекувам државата тоа да го реши и владата да одвои пари, барем за наредната фаза – да бидат средени фасадата и покривот, затоа што во спротивно ќе почне да пропаѓа, рече Таир.

Во јули 2015 година беше поставена темелната плоча на театарот кој се гради на површина од 2.600 квадратни метри. На тоа му претходеше решавање на имотно-правни прашања и расчистување на теренот.

Турски театар со децении функционираше зедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел. Додека траат градежните работи за новите објекти, ансамблите на двата театра своите претстави ги изведуваат на сцената на „Комедија“.

Во ноември 2019 се вработени десетина млади актери во НУ Турски театар. Дел остануваат хонорарци и, како што рече Таир, ќе бидат ангажирани во нивни претстави.

– Секогаш очекувам вработувања. Има еден јаз, празнина, помеѓу генерацијата од 40-ина години и оваа нова генерација, посочи Таир. Покрај претставите за кои конкурираат во Годишната програма на Министерството за култура, во јубилејната година Турски театар ќе има и независни копродукциски проекти. Првата премиера во 2020 ќе ја изведе утре – детско-младинската „Девојчето со кибритчиња“.