Во сите региони каде што СОНК има синдикални организации, а буквално има во секоја општина, се почитува одлуката на Советот на СОНК да се пристапи кон предупредувачкиот штрајк и јас сум апсолутно задоволен. Од наши извори дознаваме дека и оние што не се наши членови на многу места се приклучуваат на штрајкот и им благодарам за нивното солидаризирање со нашата организација, изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Тој претпладнево го посети ОУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче каде што наставниците се на работа, но немаат активности, а денеска се примаат првачињата.

Неделков нагласи дека според нивни сознанија не се вршат притисоци врз наставници за да се прекине штрајкот.

– Онаму каде што се прифаќаат ученици и првачиња, тоа се колеги кои не се наши членови и кои не пристапиле кон штрајкот, додаде претседателот на СОНК.

Во однос на нивното барање за повисоки плати до 25 отсто, а од друга страна ставот на МОН дека за една година платите им ги покачиле за вкупно 10,8 проценти, Неделков рече дека тоа е клучната пречка на која се сопнуваат.

– Месеци наназад немаме конкретна понуда колку и од кога. Мислам дека во септември веќе картите ќе бидат отворени затоа што песочниот часовник одбројува. До крајот на септември ние мора да изнајдеме заемно прифатливо решение во однос на прашањето за зголемување на платите за во октомври да знаеме што понатаму. Ако најдеме решение, наставата ќе продолжи во најдобар ред, ако не Советот на СОНК на почетокот на октомври ќе расправа за преговорите во септември и ќе донесе соодветна одлука. Каква ќе биде таа, во овој момент не можам да прејудицирам, рече Неделков.

Адеми: Нема причина за штрајк

Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска изјави дека не знае во колку училишта се штрајкува, но оти во добар дел новата учебна година почна нормално. Повтори дека нема причина за штрајк и оти Владата работи на подобрување на статусот на наставниците.

– Немам информација во колку училишта се штрајкува зашто уште е рано, но знам дека во добар дел првиот училишен ден се одвива на нормален начин, се организираат приредби и очекувам така и да продолжи, изјави министерот Адеми кој утрово го посети ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Ново Лисиче за да го означи почетокот на учебната 2019/20 година.

Тој им посака успех на учениците и наставниците во претстојната учебна година, а како и вчера го повтори ставот дека нема потреба и причина за штрајк кога Владата, како што рече, е силно ангажирана да го подобри статусот на наставниците, нагласувајќи дека од август 2018 до овој септември платите на наставниците се зголемени над 10 отсто со двете покачувања од по пет проценти.