Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во затворот Идризово работи како библиотекарка.
Како што објави Макфакс, таа и годинава користела продолжен празничен викенд.
Директорот на затворот, Зоран Јовановски, информираше дека Јанева уредно се вратила во затворот и ги извршува редовните затворски обврски.
– Не знам точно кога излезе, но постапи според она што ѝ беше дозволено и се врати во затворот. Од утрово веќе ги извршува тековните затворски обврски. Работи во библиотеката, библиотекарка е. Користи викенди и излези секогаш кога тоа го дозволува правилникот, работиме строго по него. Го добива она што ѝ следува во согласност со издржаниот дел од казната, изјави Јовановски.
Јанева е осудена на седум години затвор во аферата Рекет за злоупотреба на службената положба и овластување. Таа беше уапсена на 21 август 2019 година.
Јовановски вели дека казната ѝ истекува на 21 август 2026 година, но не е исклучена можноста да биде помилувана порано.