Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека нема никакви препреки сите процедури околу изборот на новата техничка влада да завршат на 3 јануари, од оставката на премиерот Зоран Заев, назначување на мандатар од претседателот Стево Пендаровски, до изборот на техничката влада во парламентот.

Џафери вечерва за ТВ Телма истакна дека отсекогаш се залагал за координација и непречена комуникација меѓу носителите на власта со цел непречено да се одвиваат процесите во државата.

Тој истакна дека утре по седниците на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ ќе се знае името на техничкиот премиер, а исто така и кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ.

-Утре сите ќе осознаеме дека носител на функцијата премиер по состанокот на СДСМ ќе биде назначеното лице, потоа и од ВМРО-ДПМНЕ по соодветниот состанок ќе ги осознаеме имињата на кандидатите за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, рече Џафери.

В сабота се предвидени средби Заев-Мицкоски и Мицкоски-Ахмети, а Џафери смета дека од процедурален аспект за Собранието не е никаков проблем да ја изгласа техничката влада на 3 јануари.

-Од процедурален аспект за Собранието не е никаков проблем, кој со кого, каде и кога ќе се сретне. Тоа функционира по соодветни прописи според Деловникот, од моментот кога ќе добие официјална информација и кога и да се случи тоа нема пречка, не случајно Собранието е дефинирано дека е во постојано заседание. И сега додека сум овде со една СМС-порака може да свикам седница, рече Џафери.