На 25 јуни 2026 година, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, успешно ја организираше Третата меѓународна научна конференција MILCON’26, на тема „Одбрана и безбедност во современиот свет: Прилагодување кон променливото безбедносно опкружување“.

На конференцијата учествуваа претставници, автори и истражувачи од 15 земји, потврдувајќи го нејзиниот силен меѓународен карактер и значење.

Ова издание донесе извонредно богата програма, бројни научно-истражувачки трудови и плодни дебати кои уште еднаш докажаа дека современата одбрана бара синергија помеѓу стратешката мисла, военото лидерство и врвните технолошки и сајбер иновации.

Посебен белег на официјалното отворање остави инспиративното и моќно обраќање на деканот на Воената академија, полковник проф. д-р Ненад Танески, кој направи историска паралела поврзана со Зборникот на трудови од конференцијата:

„На 24 јуни 1861 година од печат излегол ‘Зборникот на народни умотворби’ на браќата Димитар и Константин Миладиновци – едно од најзначајните дела на македонската преродба, создадено со љубов кон својот народ, јазик и татковина. Браќата Миладиновци оставија трајно сведоштво за духовното богатство на Македонија и покажаа дека пишаниот збор може да биде исто толку силен колку и секоја друга борба за национален опстанок и достоинство“.

д-р Танески смета дека трудовите од зборникот се придонес кон развојот на македонската одбранбена и безбедносна мисла и траен запис за генерациите што доаѓаат:

„Денес, кога го претставуваме Зборникот на трудови од MILCON 2026, испраќаме порака дека и ние сме дел од таа традиција – традиција на знаење, посветеност и служба на Македонија. Трудовите собрани во овој зборник се придонес кон развојот на македонската одбранбена и безбедносна мисла и траен запис за генерациите што доаѓаат. Како што Зборникот на Миладиновци останал да сведочи за своето време, така нека и овој зборник остане сведоштво за нашата заложба за посилна, побезбедна и попросперитетна Македонија. И дозволете ми да завршам со мисла која е повеќе од историја – таа е наша обврска. Апостолски нè учи дека службата на татковината е највисока одговорност, а Делчев дека светот е поле на натпревар во кој победуваат знаењето, достоинството и вредностите. Токму во тие пораки е нашата денешна обврска – да ја чуваме безбедноста со знаење, татковината со чест и иднината со единство и соработка“.

Упатуваме посебна и искрена благодарност до нашите еминентни клучни говорници кои со своите предавања дадоа непроценлив придонес и инспирација на конференцијата:

– Colonel (Ret), Professor of Practice William F. Lyons (Norwich University)
– Commander, Doctor of Philosophy, Assistant Professor Krasimir Angelov (Nikola Vaptsarov Naval Academy, Republic of Bulgaria)

Голема благодарност и до сите останати домашни и меѓународни автори за нивниот висок научен придонес во рамките на научните панели. Искрено се заблагодаруваме и до музеите-домаќини кои ги отстапија своите прекрасни простори за одржување на нашите научни сесии:

-Музеј на македонската борба за самостојност
– Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија
– Археолошки музеј на Македонија

Посебна благодарност до кураторите за одлично организираната и водена културна посета низ поставките на Археолошкиот музеј, што претставуваше прекрасен завршеток на денешниот настан.

Особена чест ни беше што конференцијата беше отворена и поддржана од клучните столбови на одбраната и високото образование во земјава. Упатуваме голема благодарност за поддршката до:

– Министерство за одбрана предводено од министерот Владо Мисајловски
– Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и ректорот проф. д-р Дејан Мираковски
– Генералштабот на Армијата предводен од началникот генерал-мајор Сашко Лафчиски

Продолжуваме понатаму со уште поголем мотив за нови научно-истражувачки соработки, дигитална трансформација и градење на паметна и отпорна безбедносна архитектура – велат од Воената академија  во објавата на фејсбук.