НЕОФИЦИЈАЛНО: Спасовски денеска ќе си поднесе оставка поради бегството на Мијалков?

/ 23.02.2021

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска најверојатно ќе си поднесе оставка од функцијата, се шпекулира во партиски кругови.

Како што објави порталот Плусинфо, а веста ја пренесоа и други медиуми, причина за оставката е бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кого полицијата не успеа да го пронајде на домашната адреса за да му го врачи решението за домашен притвор за случајот „Таргет-Тврдина“.

Оставка од првиот полицаец бара и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која обвинува дека институциите уште во саботата во 16 часот знаеле дека постои опасност за бегство на Мијалков, но не презеле ништо.

Спасовски не е достапен за јавноста во текот на вчерашниот и денешниот ден.

Премиерот Зоран Заев изутринава имал работен состанок со првите одговорни лица на институциите, кои имаат надлежност во врска со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Заев, како што посочуваат од Владата, состанокот го свикал со цел директно и лично да се информира за сите аспекти на случувањата изминатите денови, за истрагата и за чекорите кои институциите ги преземаат.

-Премиерот стои цврсто на неговите јасни и јавно изнесени позиции дека сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаат обврска да го лоцираат лицето Сашо Мијалков. Премиерот порачува дека граѓаните очекуваат детално објаснување, дека институциите се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај и дека не се можни компромиси со правдата и одговорноста, наведуваат од Владата.

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по екс директорот на УБК Сашо Мијалков, кој од неделата е недостапен за полицијата. Тоа отвори многу дилеми и предизвика реакции од повеќе страни, како и барања за одговорност и истрага за евентуални пропусти од надлежните институции.

Полицијата во неделата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд.

Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари.


Од истата категорија