Ослободителна пресуда доби поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева за случајот ,,Друмарина” поврзан со користењето на патни трошоци. Таа беше обвинета за кривичното дело- измама во службата.

Бонева се гонеше дека во периодот од 2011 до 2015 година до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, по што и биле исплатени над 10 илјади евра, иако имала стан во Скопје и не патувала за да присуствува на седници на Собранието.

„Според првостепната, неправосилна, пресуда судот утврди дека Јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое и се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување на РСМ, застапникот го упати на спор“, соопштија од Кривичниот суд.

Бонева на Фејсбук се огласи дека после 6 години голгота победила правдата и вистина излегла на виделина.

„Со 21 сведок и 7.179 докази, се срушија како кула од карти лагите и клеветите дека божем нешто сум злоупотребила, исто како што се сруши со години повторуваната лага дека сум била рекордер во земање на патни трошоци. Наместо Oбвинителството да го докаже обвинението дека сум поднесувала лажни фискални сметки, јас докажав дека Oбвинителството како докази против мене имаше подметнато туѓи фискални сметки од други лица, прикажувајќи ги како да се мои“, напиша Бонева.

Таа порачува и дека прогонот на СЈО бил чиста политичка пресметка, a обвинението против неа целосно неосновано и политички мотивирано.

Судот ја укина и Забраната за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на име на Бонева и нејзиното семејство. Случајот го водеше поранешното СЈО, а потоа го презеде ОЈО.