Го читам соопштението на СДСМ по повод гласањето односно негласањето на Договорот од страна на нивниот пратеник Ферид Мухиќ и не ми се верува. Според нив секој што е против ваквиот капитулантски Договор со кој се суспендира постоењето на македонскиот национaлен идентитет е против ЕУ и НАТО и е непрогресивен. Не знам само дали при куцањето на соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ аргументот го извадија од левиот или десниот ракав.
Тезата која ја наметнуваат дека секој оној што е прогресивно расположен ќе гласа за овој Договор не држи вода. Ако се сигурни во прогресивното расположение на народот зошто нивните експерти се залагаат за укинување на цензусот на референдумот, како што смета комуникологот Петар Арсовски. Од што се плашат од тоа дека народот не е доволно прогресивен или од тоа дека народот си ја сака својата земја и не сака да прифати недостоинствено решение кое се наметнува со капитулантскот договор? Договор кој што предвидува задачки и обврски само за втората страна, небаре Македонија е непослушен ученик па мора да се согласи на се она што сака учителката инаку ќе седи надвор пред училница.
Мнозинството од нас се за членство во ЕУ и НАТО, впрочем тоа е и стратешка определба на државата години наназад, но не е поентата да се влезе по секоја цена односно во случајот за нас по многу скапа цена.
При тоа се продава приказната дека сме пред портите на рајот – ЕУ, а од друга страна Макрон вели дека се уште не сме спремни за старт на преговорите? Излгеда многу се сигурни во шармерските способности на нивниот лидер Заев што се сигурни дека ќе го омекне срцето на Макрон па тој ќе даде зелено светло. А, што ако не омеке? Што ако не добиеме препорака? Зошто е потребно тoлкаво хазардерство, зошто толку брзаме по патот од кој нема веќе враќање назад.
Чесно е да се каже дека целото бразање е всушност за членството во НАТО, затоа што до полноправни членки на ЕУ сме уште многу далеку.
Патот кон ЕУ и таканаречената благосостојба е трнлив и никако не зависи само од промената на Уставното име, потребни се низа реформи и подготвеност на оваа или било која друга Влада да работи посветено на она што се нарекува евроинтегрирање. Ако вие имате неуспех на секое поле, ако економијата стагнира, корупцијата цвета во сите области на општеството, ако судството остане пристрасно и партизирано уште 16 пати да го смениме името нема да бидеме ни чекор поблиску до европското семејство. Затоа наместо да продаваат празни флоскули со цел да си обезбедат мнозинство на референдумот дека ќе живееме подобро откако ќе го кажеме судбоносното ДА треба сериозно да се посветат на вистинска работа која што навистина ќе значи подобар живот на граѓаните и исполнување на критериумите за влез во ЕУ.
М-р Мартина Антиќ