Израелската армија ќе го задржи своето присуство во безбедносната зона во јужен Либан – изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесува ДПА.
Израелската армија „ќе продолжи решително да дејствува за неутрализирање на заканите против нашите војници и граѓани, за уништување на терористичката инфраструктура и за зачувување на безбедносната зона во јужен Либан“, напиша Нетанјаху на социјалната мрежа Икс.
Станува збор за заедничка изјава на Нетанјаху, министерот за одбрана Израел Кац и началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир. Тројцата високи функционери ја дадоа изјавата по средбата со командантот на Северната команда на израелските сили.
Во соопштението се наведува дека израелските сили ќе продолжат да дејствуваат во Либан, водејќи се од принципот на „бескомпромисна“ заштита на безбедноста на израелските граѓани и војници.
Претходно во медиумите се појавија информации дека американската администрација ќе се обиде да ја ограничи слободата на дејствување на израелските единици во Либан по постигнувањето на билатералната рамковна спогодба за прекин на конфликтот на Блискиот Исток.
Нетанјаху ја опиша зоната што израелската армија ја воспостави во јужен Либан како бариера меѓу Хезболах и граѓаните и населените места во северен Израел.
Toj повторно повика на зајакнување на воената автономија на Израел.
– Сакам независност во однос на вооружувањето – им рекол тој на резервните офицери на состанокот одржан на Западниот Брег.
„Потребен ни е сопствен систем за вооружување. Треба сами да го произведуваме нашето оружје“, истакнал израелскиот лидер. Тој изразил благодарност до САД за воената поддршка, но нагласил и дека Израел треба „да се ослободи од зависноста“ и да го зголеми својот капацитет за производство на оружје.
Израелската армија денеска соопшти дека нејзините војници отвориле оган врз вооружени терористи во јужен Либан „за да ја елиминираат заканата“.
МИА




