Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „во моментов не постои можност“ заложниците кои се уште ги држи палестинската милитантна група Хамас во Газа „да се вратат дома“.

Тој се сретна со семејствата на заложниците кои претходно ги ослободи Хамас, а неколку членови на семејството кои присуствуваа на средбата жестоко ја критикуваа израелската Влада. Една жена поранешна заробеничка, чиј сопруг сè уште е во заробеништво, го обвини Нетанјаху дека ја става политиката над преостанатите 138 заложници.

„Ја видов 85-годишната Арија Залмановиќ како умира пред мене. И немате што да кажете за тоа, дека сакате да го соборите режимот на Хамас?“, рече таа.

Дани Миран, чиј син Омри беше земен како заложник од членовите на Хамас на 7 октомври заедно со околу 240 други Израелци и странци, рече дека почувствувал дека средбата ја „навредила неговата интелигенција“ и заминал од неа.

Нетанјаху рече дека „слушнал приказни што ми го скршиле срцето, за сексуални напади и случаи на силување, за глад и жед“.

Средбата се одржа во време кога продолжија борбите во Појасот Газа по седумдневна пауза во која беа вратени повеќе од 100 заложници од енклавата.

Фото: МИА архива