Индексите на светските берзи денеска забележа пад, по предвременото завршување на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Ханој, на која не беше потпишан најавуваниот договор за денуклеаризација.
Самитот беше прекинат пред време и беше откажан планираниот ручек, по што Трамп замина од Виетнам.
По „неповолните“ вести од Ханој, референтниот индекс на Берзата во Сеул, Коспи се намали за 1,8 отсто, токискиот Никеи 225 за 0,8 проценти, а шангајскиот Композит за 0,4 отсто.
Хонгконшкиот берзански инекс Ханг Сенг се намали за 0,6 проценти, а австралискиот СП АСХ 200 за 0,3 отсто.
Исклучок од ваквите тенденции беше само берзанскиот индекс во Индија, кој единствен меѓу азиските показатели забележа раст.
Пад на вредноста на акциите е регистирран и на електронските тргувања на Њујоршката берза. Индексот Дау Џонс се намали за 0,3 отсто, а Насдак за 0,1 проценти,
Ваквиот пад на индексите на Волстрит беше дополнително поттикнат и од изјавата на американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер, кој нагласи дека САД и Кина „треба да направат уште многу“ за да постигнат договор за надминување на царинската војна.
Од утрово пад бележат и индексите на европските берзи, а се намалија и цените на нафтата.
Така, американската „лесна“ нафта во електронските тргувања на Волстирт поевтини за 17 центи на 56,77 долари за барел, по вчерашниот раст од 2,6 отсто, додека цената на северноморскиот „брент“ на Берзата во Лондон се намали за 29 центи на 66,29 долари за барел.
Јужна Кореја денеска изрази жалење поради тоа што не е постигнат договор на самитот на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Ханој, истакнувајќи дека двете страни постигнале значителен напредок.
Во соопштението од Сината куќа се наведува дека Трамп и Ким постигнале „значителен напредок кога и да било досега“ и оти желбата на американскиот претседател да го продолжи дијалогот ги интензивира шансите за одржување на нов состанок.
Вториот самит на Трамп и Ким денеска беше прекинат без да се постигне договор. Според американскиот претседател не е постигнат договор бидејќи Северна Кореја барала целосно укинување на санкциите во замена за затворање на нуклеарната постројка Јонгбјон.
Трамп по средбата изјави дека нема да има трета средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Трамп на прашањето дали почнале да планираат следна средба, одговори: „Не, не сме… ќе видиме дали воопшто ќе има“.
Американскиот претседател наведе дека не е постигнат договор бидејќи тој одбил да ги укине санкциите кон Северна Кореја.
– Беше поради санкциите. Санкциите не може целосно да бидат укинати, ние не можеме да го направиме тоа, посочи Трамп.
Тој додаде дека САД нема целосно да ги укинат санкциите кон Северна Кореја бидејќи Ким одбил да прекине нуклеарните проби.
– Тој изјави дека ќе тестира ракети и ќе прави што сака со нуклеарната енергија, посочи Трамп.