Во образованието се незадоволни од тоа што не им се почитува колективниот договор, од ниските плати, од најавените промени кои се против законот, па постои можност учебната година да почне со штрајк, вели за Слободна Европа Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образование и наука.
-Апсолутно станува збор за огромно незадоволство коешто преовладува во основните и средни училишта, како резултат на понудените ниски 10 проценти од страна на владата преку општиот колективен договор. Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Се разбира, доколку и побројниот синдикат го искористи тоа право, ние сме тука да се солидаризираме и да ги окрупниме силите за да ја оствариме таа цел. Револтот потекнува од најавените промени во секторот образование коишто не се совпаѓаат со законите. Револтот исто така е поради ниската потпросечна плата, а најголем е револтот на просветните работници поради непочитувањето на колективните договори, вели Гиевски во интервјуто.
Тие бараат целосно почитување на колективните договори.
-Кај нас во секторот образование се користи најниска плата којашто е за висок процент пониска од минималната плата на државно ниво. На тој начин грубо се крши законот, незаконски се намалува платата на просветните работници и се создава ситуација просветните работници да бидат потпросечно платени, односно живееме во држава којашто е единствената во Европа каде што просветните работници се платени со почетна плата којашто е пониска од републичкиот просек, објаснува Гиевски.
Целото интервју може да го погледнете тука.