Македонија ги почна пристапните преговори со ЕУ лани на 19 јули, но за нивно продолжување во втората фаза, по завршување на билатералниот скрининг кој успешно се одвива, услов е спроведување на уставните измени и напредок во реформите, порачаа вчера извори од Европската Унија, посочувајќи дека е потребно обезбедување консензус за промена на Уставот.
Повик за политичкото обединување околу евроинтегративниот процес и уставните измени, што ќе ја гарантираат европската перспектива на земјата беше упатен и од средбата на вицепремиерот задолжен за европски прашање Бојан Маричиќ со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, додека премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница апелираше за политички консензус со кој ќе се обезбеди континуитет во процесот на преговори со ЕУ.
Според изворите од ЕУ, вклучување на бугарската заедница во Уставот е обврска, но и суверен избор на земјата, која од досегашните примери „има силно досие во однос на меѓуетничките односи“. Тие оценија дека за уставните измени постои оптимизам, апелирајќи за водење рационална дискусија на сите политички субјекти за да се постигне консензус и да се обезбеди поддршка во Собранието за промена на Уставот.
Земјата треба да се фокусира на нејзината долгорочна цел, членството во ЕУ преку фокусирање на европската реформска агенда и спроведување на процедурата за уставни измени која е доста сложена, оценуваат изворите од ЕУ.
Во однос на барањето на опозицијата за добивање гаранции од Брисел дека по евентуалното донесување на уставните измени нема да има нови блокади од Бугарија, според истите изворите, тешко е да се замисли дека Унијата би можела да даде какви било гаранции дека во процесот на преговори нема да се појави ново вето, но постои голем интерес „да не се дозволи прашања поврзани со историјата да станат дел од преговарачкиот процес“.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера од собраниската говорница, зборувајќи за текот на скрининг процесот, истакна дека годинава мора да имаме политички консензус со кој ќе обезбедиме континуитет на процесот на преговори со ЕУ.
– Од клучна важност е да имаме успешни уставни измени и одржување на втората меѓувладина конференција. Оваа година, мора и треба да биде година на обединување околу европската перспектива и за тоа каде државата ќе се движи во следните десет години, истакна Ковачевски во одговор на пратеничко прашање, нагласувајќи дека текот на скрининг процесот се одбива со предвиденото темпо и државата мора да ја задржиме оваа динамика во текот на целиот процес на преговори со ЕУ.
Тој нагласи дека Владата е одлучна да ги спроведе сите неопходни реформи со цел да станеме кредибилен член на европското семејство.
– Ова е наша историска можност која ја чекавме долго и сега кога имаме можност не смееме да ја пропуштиме. Преговорите со ЕУ се можност од темел да се трансформира и реформира нашата држава, на нашите граѓани да им овозможиме европски услови за живот и работа и тоа тука дома, истакна Ковачевски.
Задачите и обврските кои земјава треба да ги заврши оваа година поврзани со процесот на евроинтеграција, беа тема на разговор и на вчерашната средба во Брисел на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
При тоа, Вархеји повика на успешно и брзо спроведување на неопходните реформи и со политичкото обединување околу евроинтегративниот процес и успешните уставни измени Северна Македонија да ја загарантира европската перспектива.
Тој ја потврди поддршката која Северна Македонија ја има од европските партнери, која според Маричиќ, треба да ја искористиме и да биде мотив подинамично и интензивно да продолжиме со процесот на преговори.