„Мнозина од нашите соотечественици Македонците, исфрлувајќи го елинскиот јазик од црквите во богослужбата и заменија со црковнословенскиот, од кој малку се ползуваа; зошто толку го разбираат и него, колку елинскиот“, му пишува Никола Поп Филипов на Петко Рачев Славејков на 21 март 1868 година. И понатаму: „Учебните книги што се преведуваат на бугарски наречен (балкански) јазик досега малку нешто ни беа поразбирливи нам на Македонците од оние на црковнословенски јазик; затоа и полза сосема мала имаме придобиено од нив“.
Никола Поп Филипов, кој бил учител во Банско кај Невропок, уште во 1848 година му се обраќа на својот учител Најден Геров и изнесува свои ставови за азбуката и правописот.
– Обраќањево го привлекува вниманието од јасната национална определба на авторот и по констатацијата дека за Македонците се неразбирливи како елинскиот и црковнословенскиот, така и бугарскиот јазик. Овие ставови, секако изнесени и во обраќање на други Македонци, го присилиле Славејков да се јави во својот весник, во број од 18 јануари 1871 година, со статијата „Македонското прашање“ и да се констатира: „Најпосле македонското прашање излезе на јаве…Тоа прашање не е нова работа; сме го заслушале уште од пред десетина години…“, пишува Трајко Стаматоски во своето дело „Македонски јазик: идентитет и континуитет- доискажување“.
Зографски ги назначил карактеристиките на македонскиот јазик во 13 точки
Покрај, Поп Филипов, Партенија Зографски е уште еден од личностите компетентни, со солидна филолошка подготовка за оформување на македонскиот литературен јазик. Зографски имал високо духовно образование, стекнато во Зографскиот манастир на Света Гора, но и на духовни семинарии во Атина и Кишенев и духовна академија во Москва. Познат е и како епископ Полјански во Кукуш и Нишавски во Пирот.
Зографски е автор на повеќе учебници и со написи од јазична проблематика се јавувал во тогашната периодика (1857-1859), со кои се вклучил активно во дискусијата околу изгледот на општиот литературен јазик со Бугарите- тенденција доста актуелна во тоа време на пошироките словенски простори.
Според Стаматоски, за Македонците е многу значајно што Зографски ги назначил карактеристиките на македонскиот јазик во тринаесет точки и предложил токму тие црти да се земат како основа за заедничкиот јазик. Бидејќи, како што напишал Зографски: „Македонското наречие(:јазик) не толко не требит и не может да бидет исклучено од општиот писмениј јазик, но добро ќе беше ако оно се приимаше за главна негова основа; по таја причина что оно е пополнозвучно, поплавно и постројно и в много отношенија пополно и побогато. Претставители на тоа наречие се југозападните страни на Македонија“.
Она што Стаматоски го потенцира во книгата е тоа што Зографски ја искажал отворено својата намера да состави посебна граматика на македонски јазик.
„За да изведеме на свет македонско наречие со сите негови општи и месни идеотизми (: идиоми), до колко е тоа нам возможно, ние имаме намерие да составиме на него граматика в паралел со другото: но понеже тоа наше намерие может мало да се позабавит, мие сега излагаме кратко главните негови особености односително кон другото наречие“, пишува Зографски.
– Ние може само да жалиме што Зографски не успеа да ја реализира својата намера до толку повеќе што главните опори на таа граматика „относително кон другото наречие“ веќе ги беше определил. Сепак, неговите учебници и статии во периодиката им беа драгоцено помагало на неговите потомци во ориентацијата своја кон изградувањето на македонскиот литературен јазик, на оние следбеници што ја гледаа иднината во неговата посебност, вели Стаматоски.
Константин Миладинов- Македонијата!
Костантин Миладинов е исто така компетентна личност за изјаснување по македонската јазична проблематика. Тој, според Стаматоски, својата компетентност ја докажал во Предговорот кон својот Зборник (1861). Тој во Предговорот ја објаснува постапката во однос на многу правописни случаи. Прави разлика меѓу се и сѐ- како помошен глагол и како прилог, и и ѝ како сврзник и како заменка, не и нѐ- како негација и како заменка. Неговата постапка е и нашава, современа.
– Константин Миладинов дава добар образец на македонскиот литературен јазик и во својот превод на Православни црковни братства од Јоан Флеров (Фљораф). Тука тој покажува извонредно чувство за предавање на богатиот руски(старословенски) партиципски систем, тргнувајќи при тоа од живата македонска реч, пишува Стаматоски. Тој потенцира дека Миладинов не случајно меѓу студентите во Москва го имал прекарот Македонијата!
Покрај, Поп Филипов, Партенија Зографски, Константин Миладинов, според Стаматоски за градење на македонскиот јазик е многу заслужен и филологот Ефтим Каранов, кој кај нас сѐ уште не доволно познат.
– Овој творец ја задолжил македонската наука со повеќе свои настапи. Уште во 1875 година бара од Бугарското книжевно друштво Одеса (подоцна прераснува во БАН) неговите фолклорни материјали од родниот крај (Кратовско) да се печатат со негов графиско- правописен систем, бидејќи сметаше дека со тогашниот бугарски ортографски систем тие не можат прецизно да се предадат. Барањето не му беше прифатено, но тој останал доследен на своите ставови. Редакторот на Бугарскиот зборник на народни умотворби Иван Шишманов е присилен подоцна да отстапи пред аргументите на Каранов и да дозволи народното творештво собрано од Марко Цепенков да се печати со графиско- правописен систем на Каранов, вели Стаматоски.