Осумнаесет нови возила, донација од ЕУ, беа промовирани денеска, а кои се за потребите на Државниот инспекторат за транспорт.
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски истакна дека Државниот инспекторат за транспорт со ова добива комплетно нова димензија, посочувајќи дека сега вработените ќе може да ги има на секоја точка од државата.
-Со овие 16 специјално опремени патнички моторни возила, и две специјално опремени возила за следење, но и едно специјално адаптирано комбе кое ќе биде како контролен центар за овие 18 возила, целосно ќе може инспекторатот да ја заврши својата работа, што значи поголема безбедност на патиштата, побрз и поефикасен инспекциски надзор. Ќе значи заштита на патиштата имајќи предвид дека ќе се контролира зголемената и прекумерна тежина на камионите, ќе се контролира превозот на опасни стоки, автобусите, вели Николоски.

Додаде дека градат патишта, но но мора да внимаваат на безбедноста и одржување на патиштата.
-Еден од главните фактори за уништување на патиштата е непочитување на правилата. На овој начин инвестициите кои ги правиме ќе добијат долгорочност, смета Николоски.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас истакна дека новите возила наменети за Државниот инспекторат за транспорт се опремени со ИТ опрема и имаат за цел да помогнат кон напорите на Министерството за побезбеден патен транспорт.

-Со ова Европската Унија покажува како најдобро се користат грантовите на ЕУ, но и дека Унијата со денешната испорака докажува дека и помага на земјата подобро да се подготви за членството во ЕУ, а истовремено и за подобра безбедност на патиштата, вели евроамбасадорот.
Во скоро време, најавена е уште една донација во возила.





