Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска во “Студио 10” на Телевизија 24 истакна дека премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче треба да си поднесат оставки. Денеска требаше да пристигнат кинеските вакцини, но не пристигнаа и јавноста е сведок на уште една лага. Се покажа целосната неспособност и немање на добар менаџмент на власта.
-За жал луѓето во Македонија немаат избор за вакцини, бидејќи нема вакцини. Ние сме држава со два неславни рекорди, стапката на смртност е помеѓу највисоките во Европа и во светот, а стапката на вакцинирани е меѓу најниските во Европа, со некаде околу 3 проценти од вкупното население. Во соседството нема држава која е под 15 проценти со вакцинирано население, а за Србија не сакам ни да зборувам, посочи Николоски.
Еве денеска конечно требаше да пристигнат тие кинески вакцини, рече тој, а гледаме дека нема да стигнат, така што се покажува целосната неспособност и немање на добар менаџмент на власта.
-А за можната корупција во делот на набавката на вакцини да не зборуваме, таа тема се уште не сме ја затвориле. ВМРО-ДПМНЕ реагираше за тоа, па излегоа написи во домашни медиуми, па во италијански медиуми, но не добивме соодветен одговор од страна на надлежните институции, вели Николоски.
Инаку тој изрази голема поддршка за здравствените работници кои прават огромна жртва особено во еден систем кој не функционира.
-Мојата реакција беше за оние кои се најодговорни, а не обезбедиле вакцини и затоа оние кои треба да ги даваат вакцините немаат работа и играат. И затоа кога велам дека се потребни оставки, не може доктор или медицинско лице да поднесе оставка, се знае оставки треба да поднесат Зоран Заев и Венко Филипче. Оставка се поднесува од функција, а не од работно место. Јасно му е на Филипче што се случува, но се обидува сето ова да го спинува, затоа што од почетокот на пандемијата некаде лани во март до денеска единствено што работи е пи-ар, односно манипулација на јавноста. Излегува во јавноста раскажува приказни и тие приказни чинат над 4 илјади изгубени животи и над 4 илјади семејства во црно. Тоа е вистината, а сето друго се манипулации. Затоа оставки се нешто најмалку што можат да поднесат, но наместо оставки тие возат хеликоптери и мотори, дециден е Николоски.