Македонија обезбеди 149,2 милиони евра грант за изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, што според заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, е најголемиот грант што државата досега го добила. Покрај грантот, обезбедени се и 350 милиони евра поволни кредити од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, со што целосно е затворена финансиската конструкција за изградбата на третата делница од пругата кон Бугарија.
Николоски вечерва во гостувањето во „Тема на денот“ истакна дека грантот од 149,2 милиони евра претставува околу 30 проценти од вкупните средства потребни за реализација на проектот.
-Во однос на источното крило на Коридорот 8, целосно е затворено финансирањето на градбата. Имаме 149,2 милиони евра грант, што е најголем грант што државата било кога го добила, или околу 30-тина проценти од вкупната сума која што е потребна. Имаме 350 милиони евра меки кредити, по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, истакна Николоски.
Тој нагласи дека за само две години, проектот од состојбa да завршува на пола тунел, во услови на политички тензии со Бугарија, стигнал до фаза во која има обезбедено финансирање, потпишан договор со Бугарија и јасна заложба за изградба од двете страни.
-Навистина сум горд на тоа, затоа што ни беа потребни две години, од една ситуација каде што наследивме проект кој што завршуваше на пола тунел, и една политичка тензија која што се создаде со Бугарија, да дојдеме во ситуација во која што имаме потпишан договор со Бугарија и јасна заложба дека ќе се гради на двете страни, рече вицепремиерот Николоски.
Тој посочи дека целта била да се покаже оти проблемот со реализацијата на Коридорот 8 е инженерски, а не политички, додавајќи дека денес процесот е придвижен кон конкретна изградба. Првата железничка делница е завршена, додека на втората се работи интензивно и се очекува да биде готова до крајот на 2028 година. За третата делница, според најавата на Николоски, до крајот на годинава треба да биде избран изведувач.
-Имајќи предвид дека првата делница е завршена, дека втората интензивно се работи и ќе биде готова до крајот на 2028 година, очекувам овде да избереме изведувач до крајот на годината и, согласно роковите во договорот, да го завршиме и третиот дел и да го завршиме тунелот, додаде Николоски.
Според него, доколку и од бугарска страна изградбата се одвива со истата динамика, во 2032 година би требало да се воспостави железничко поврзување од Скопје преку Софија до Варна и Бургас.
-Ако од страна на Бугарија се работи со истото темпо со кое работиме ние, тогаш во 2032 година ќе имаме поврзување од Скопје кое што ќе оди до Софија и до Варна и Бургас, заврши Николоски.




