Кампањата е веќе започната, во четвртата изборна единица каде што сум носител на листата на ВМРО ДПМНЕ ние сме фокусирани на граѓаните и нивните потреби. Имам секојдневни бројни средби со граѓаните и состојбата е повеќе од лоша, не може да се чуе еден добар збор во ниту еден сектор, било тоа да се земјоделци, мали или средни претпријатија, луѓе кои се занимаваат со угостителство, просветни и здравствени работници, сите велат дека до сега вака не било, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица Александар Николоски во мини-интервју за неделникот Фокус.

„Од друга страна, ние ја презентираме нашата програма која е детална и ги опфаќа сите сегменти од нашето општество. Програма која содржи решенија за сите напластени проблеми во општеството. Луѓето знаат дека ние не работиме како нашиот опонент зборувајќи и ветувајќи популистички мерки, ние не ветуваме неизводливи нешта, не го мамиме народот и токму затоа граѓаните со доверба ја читаат нашата програма бидејќи до сега сме докажале она кое сме го ветиле тоа и го исполнуваме. Со ова сакам да потенцирам дека нашата кампања е целосно фокусирана на граѓаните и нашата понуда до нив, вели Николоски.

Ја акцентира ситуацијата со здравството и здравствената криза предизвикана од корона вирусот, истакнувајќи дека Владата предводена од СДСМ како никаде на друго место е фокусирана на политичките прашања и на политичките последици отколку на здравствените прашања и последиците врз здравјето на граѓаните и економијата. Според него, власта го загрози здравјето на граѓаните поради разни калкулации за политички поени.

„Резултат од таквото менаџирање на кризата е Македонија да биде црна точка на европскиот континент која е целосно затворена и изолирана. Како да се чувствуваат граѓаните на Република Македонија кога се позади земји од третиот свет како Бутан и Замбија кои можат да патуваат во земјите од Европската Унија додека македонските граѓани се затворени и го немаат тоа право? И за ваквиот катастрофален резултат владата одлучи да го обвини народот, секојдневно читаме разно разни навреди и омаловажувања упатени кон македонските граѓани од страна на властите и нивните експоненти“, вели Николоски.

ФОКУС Дали ќе се фокусирате на сопствената програмска понуда или пак акцентот ќе го ставите кон противникот, кон кого во последниот период Вие лично, но и како партија, испорачувате обвинувања за корупција и криминал?

НИКОЛОСКИ Тоа се врзани садови, начинот на кој делуваше досега нашиот политички опонент како носител на власта во Македонија се отсликува и влијае на целото општество. Сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните произлегуваат од владиното делување додека нашите решенија кои ги нудиме се санација на она што е уништено токму од нашиот политички опонент. Ние сме фокусирани на програмата но не можеме и не смееме да го премолчиме она што е јавен интерес, не може да премолчиме кога секојдневно кај нас пристигнуваат граѓани и стопанственици кои немајќи доверба во институциите на системот се одлучуваат доказите за нивните голготи да ни ги достават нам. Нема една фирма која не е изрекетирана, нема еден човек кој не е уценет, ние влеговме во политика за ова да го промениме а не да го премолчиме.

ФОКУС Колку таканаречените „бомби“, односно снимани разговори меѓу бизнисмени, функционери и други личности ќе влијаат врз изборното расположение? Што, според вас, покажуваат овие снимки?

НИКОЛОСКИ Таканаречените „бомби“ се реалноста која граѓаните ја живеат секојдневно изминативе години. Тие се само потврда, еден вид доказ, за она кое сите го знаат. Снимките кои излегоа изминатиот период покажуваат дека Владата била целосно посветена во криминални шеми, за прв пат видовме политичар како зема кеш пари на рака и ги става во торба. Сите индиции за криминал кои ги посочуваше ВМРО ДПМНЕ досега беа отфрлани од обвинителството, најверојатно и овие снимки не ги сметаат за доказ. Дерогиран е комплетниот правосуден систем во државата, она кое го нарекуваа „Луи Витон“ судство го надградија во „трас, трас“ судство, паролите од типот „нема правда нема мир“ се докажа дека се пароли за дограбување до власт и целосна злоупотреба на власта.

ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Имате ли посакуван постизборен партнер од, условно кажано, албанскиот блок?

НИКОЛОСКИ Ние не само што очекуваме туку сме и сигурни дека победата на овие избори ќе ја однесе ВМРО ДПМНЕ и ќе формираме влада. ВМРО ДПМНЕ досега правела коалиции врз програмски усогласувања па така ќе биде и сега. Ние не прифаќаме уцени и политички дворски игри како што тоа го прави СДСМ, секако ќе имаме двоцифрена предност на мандати во Собранието и оној кој ќе коалицира со нас ќе мора да смета на програмска усогласеност и политика која ќе се однесува на сите граѓани подеднакво. Секако дека политичките резултати ќе го диктираат составувањето на парламентарно мнозинство бидејќи разликата ќе биде голема. Коалицирањето единствено ќе зависи од програмската усогласеност.

ФОКУС Доколку победите на изборите и формирате влада, кои ќе бидат главните приоритетни цели во наредниот мандат? На што најмногу ќе се фокусирате?

НИКОЛОСКИ Во наредните четири години ќе мора да се извади економијата од бездната во која се наоѓа, имаме презадолжени граѓани, најниски плати и пензии, секојдневно расте невработеноста, поразувачки се бројките во инвестициите, се намалува производството и извозот, нема капитални инвестиции. Ние ќе бидеме посветени на ова, да создадеме економски стабилна држава и посреќни граѓани, нашиот партнер во власта ќе треба да ги има овие приоритети.