Тука во четворката очекувам најголема победа за ВМРО-ДПМНЕ со најголем број освоени гласови и најмногу пратеници во апсолутна бројка. Мислам дека четворката ќе биде шампион за ВМРО-ДПМНЕ и сум убеден дека ќе имам квалитетен тим заедно со мене, квалитетна листа на пратеници и целиот овој Јужен југоисточен и Централен регион на Македонија после изборите со мое лично залагање и со залагање на сите што ќе бидат со мене на листа и секако со залагање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие многу повеќе од било кога во минатото, а за тоа јас сум гарант, вака потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на денешната посета на Неготино одговори на новинарско прашање што очекува од изборите како носител на четвртатата изборна единица.

Николоски исто така додаде дека е убеден во победата и дека време е да се заврши работата започната на изборите во 2020 година, а тоа е да се удри во чело на криминалот и корупцијата кои се случуваат токму во четвртата изборна единица.

„Убеден сум затоа што јас пред четири години не случајно дојдов тука. Јас не сум ниту од Неготино, ниту од Кавадарци, ниту од Струмица, ниту од Прилеп, по потекло сум од петата изборна единица, а живеам главно во првата изборна единица. Дојдов тука во четворката затоа што сакав да удриме во чело на криминалот и корупцијата којшто има извориште токму тука во четворката. Најтесното извориште е токму ресторанот Вила Парк во Струмица, а малце поширокото е целиот струмички регион, пипците одат и до Валандово и до Дојран итн. И сметам дека тоа крими семејство мора да биде удрено во чело ако сакаме ние да имаме држава“, потенцираше Николоски и додаде:

„Во 2020 ја почнавме работата, во 2021 на локалните избори зададовме силен удар и ги испративме во политичка пензија, а сега 2024 после овие избори, затоа мислев дека е фер да дојдам пак, ќе си одговараат и пред ослободените институции на судството и обвинителството затоа што мора конечно да се воведе ред во државата и тоа е мојот мотив зошто сум тука“.

Николоски исто така потенцираше дека кога правдата ќе дојде на свое место ВМРО-ДПМНЕ ќе направи многу убави работи во оваа изборна единица.

„Откако ќе завршиме со тоа, затоа што не се живее само од правда, ќе правиме многу работи за сите тука и во делот на стопанството и индустријата, затоа што во оваа изборна единица има и сериозна индустрија, но исто така и во делот на земјоделието и развојот на туризмот ќе гледате многу убави работи во следните 4 години“, нагласи Николоски.