Во изминативе две недели стана сосема јасно дека Европската интеграција на Македонија се соочува со голема препрека, изјави Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение неговото целосно согледување за проблемот:
Документот на Бугарија со кој се условува интегрирањето на земјава и продолжување на патот кон ЕУ е последица на неспобната дипломатија и е уште едно фијаско на Владата на Заев. Документ кој беше криен од јавноста со цел никој да не знае за истиот ја донесе Македонија пред свршен чин.
Она што е најстрашно е тоа што имаме молк од Владата, од Заев и директна заштита од Стево Пендаровски.
Притоа сакам да истакнам три работи.
Првото, Зоран Заев молчи за целиот скандал. Едноставно исчезна од јавноста! Никаде го нема! Факт е дека тој е највлијателното лице во власта. Како претседател на партијата на власт тој има најголемо влијание врз оваа влада и затоа останува нејасно зошто исчезна од јавноста и не даде никаков коментар.
Народот сака и мора да знае дали Заев се согласува со тоа дека ние говориме немакедонски јазик туку така наречена јазична норма на туѓ јазик кој би требало да се нарекува официјален јазик на Македонија, Заев треба да каже дали се согласува и со бришењето на македонскиот народ и македонската историја. Исто така треба да каже дали се слага со овие уцени кои што и се наметнуваат на Македонија, најбитното треба да каже што ќе направи за ова да го спречи. Затоа што во моментот целата власт е кај него. Целата!
Ваквото бегање од јавност и премолчено одобрување на Зоран Заев значи дека е на повидок уште една национална катастрофа во негова режија. Заев со ваквото однесување воедно ја отвора вратата за зголемување на притисокот за максималистичките и штетни барања од нашиот сосед.
Времето ќе покаже дали има и нешто друго во позаднина, дали можеби има некоја финансиска интерес или некоја уцена како што тоа било пракса во минатото со Заев.
Второ, вчера претседателот Стево Пендаровски очигледно координиран со СДСМ соопшти дека нема намера на престојната лидерска средба да го стави на дневен ред во моментот најзначајното прашање за иднината на Македонија и Европската интеграција.
Тој гласно кажа дека нема да го стави на дневен ред ова прашање затоа што СДСМ не се слага истото да биде ставено на дневен ред. Значи СДСМ, Заев и Пендаровски не сакаат да се разговара во моментот за најважното национално прашање за Македонија.
Ова е незрело и крајно штетно однесување што само се поткрепуваат сомневањата кои што ги имаме подолг временски период дека сето ова има некаква позадина.
Вредно е да се напомене ретерирањето на ставот на власта и Пендаровски, со што се дава потврда дека сме билево право и дека ова не е само еден обичен документ туку е документ кој што станува сериозна пречка на целокупната интеграција на земјата.
Во оваа прилика повикувам Пендаровски да престане да биде гласноговорник на политиките на Заев, да се надмине себе и да ја земе улогата која што ја има како претседател на државата и на претстојната лидерска средба да го постави ова прашање и да се разговара и за европските интеграции на земјава од аспект на бугарскиот документ и условувањата со кои што е соочена Македонија. Да се разговара за заеднички одговор кон условувањата за бришење на македонскиот јазик, македонскиот народ и ревизија на македонската историја.
Ако власта, Заев и Пендаровски го одбијат овој наш предлог тоа значи дека нешто многу поголемо и подлабоко се крие во позадината. Ако не се реагира сега пропушти драгоцено време, и ми е страв дека подоцна ќе биде доцна.
Трето, ова е сериозна состојба со која како услов како што кажав се поставува откажување од македонскиот јазик, историја, и народ кои што се најважните обележја на нашиот идентитет.
Заев и власта доколку ова го прифатат или се потврдата сомнежите кои ги имаме влегуваат во втора фаза на создавање на нов јазик, на држава со нов идентитет и име и создавање на таканаречена северномакедонска нација.
Ова е втората фаза за жал од планот за кој што подолго време говориме.
Време е сериозно да се засукаат ракавите, не е време за интриги, не е време криење. Време е за државничко однесување. Време е да изградиме заеднички став, сега денес ние стоиме на располагање и уште еднаш повикуваме за ова да се разговара на претстојната лидерска средба.
Потребно е да изградиме консензус за најважно прашање поврзано за Македонија. Само така ќе можеме да ја надминеме и оваа препрека и да го зачуваме нашето достоинство и национален идентитет.
Нашето време за жал е кратко затоа што изминува и рокот е до јуни. Доколку не се направи нешто за јуни ми е страв дека после ќе биде доцна и последиците ќе траат следните 10, до 15 години и истите нема да бидат поправени.
Затоа времето да се реагира е денес и сега и затоа повикуваме на разум, затоа повикуваме на единствен национален став по однос на овие условувања за да подоцна не биде предоцна.
Новинарско прашање од Алсат ТВ: Дали ВМРО има предлог датум за изборите кои би се одржале и дали може вонредната состојба да се продолжува до недоглед?
Одговор: Како ВМРО-ДПМНЕ сме кажале еве ќе повторам воопшто во приоритетите ги нема изборите и навистина кажав станува дегутантно, нечовечки е, недостоинствено ова што го прави СДСМ во овој момент. Луѓе секој ден се за жал заболуваат од корона вирус , луѓе умираат а тие да зборуваат за избори навистина ова е едно однесување кое што е надвор од секоја пристојност и не би сакал дополнително да коментирам. Во однос на вонредната состојба, вонредна состојба не е прашање на одлука на било кој политичар , вонредната состојба е прашање поврзано со потребите, а потребите во моментов во Македонија се јасни дека имаме сериозна здравствена и економска криза и соодветно на тоа треба да биде одговорено. Во овој момент формата преку која што може да се реагира е вонредната состојба и тоа е состојбата која што ја имаме во моментов. Како ќе се одвиваат работите во иднина никој не може да претпостави но повторувам одлуките не треба да се носат врз основа на желба на Стево Пендаровски, Зоран Заев или било кој друг туку треба да се носат исклучиво врз основа на она што го имаме како реалност а тоа е дали се надминува или не се надминува здравствената и економска криза во Македонија.
Новинарско прашање од ТВ21: За ВМРО-ДПМНЕ кој е најоптималниот датум за одржување на изборите?
Одговор: Мислам дека одговорив на ова прашање воопшто во моментов не размислуваме и не сме фокусирани на избори навистина во услови кога луѓе секој ден се заболуваат од коронавирус, во услови кога за жал луѓе губат битка со корона вирусот и во услови кога македонскиот народ е соочен со едно вакво национално понижување за бришење на македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската историја, навистина мислам дека СДСМ се обидува да дефокусира со оваа тема за изборите.
Новинарско прашање од Инфомакс: СДСМ и Заев иако не признаваат, но заговараат брзи избори дури, а споменуваат и опција дури и со маски да се настапи. Кое е вашето мислење?
Одговор: Го слушав генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николоски, за оваа негова изјава што само потврдува дека СДСМ единствено што размислува се избори затоа и делат поткуп низ цела држава, затоа беа и живи фатени во Струмица како делат поткуп, значи единствено што размислуваат се зборите и како согласно нивната надеж да купат некој глас повеќе и некоја душа повеќе, но тоа нема да им успее затоа што луѓето не гласаат и не се продаваат на избори за одреден пакет на производи. А тие коишто ги делат ќе си одговараат дали сега или подоцна, тешки кривични дела се согласно Изборниот законик. Во однос на другиот дел од прашањето за маските, мислам дека тоа во најдобро светло ја покажува нечовечноста на СДСМ и покажува со какви луѓе имаме работа, таа изјава ја сметам за нечовечна и непристојна. Во моментов во светот нема издржана студија која вели дека било што штити од коронавирусот. Во моментов гледаме дека здравствени работници се заболуваат во Македонија за жал најмногу во регионот, затоа што немаат соодветна здравствена опрема или имаат здравствена опрема и повторно се заболуваат што значи дека нема никаква гаранција. Во такви услови да ставите два милиони луѓе во опасност, само затоа што Заев сака да биде амнестиран за криминалот мислам дека е недолично, нечовечки и недостоинствено. И навистина со индигнација ги отфрлам сите ставови коишто беа кажани од генералниот секретар на СДСМ.
Новинарско прашање од Канал 5: Претседателот Пендаровски вчера рече дека ако се ублажи состојбата со ширење на вирусот, ќе размисли двапати дали ќе прогласи повторно вонредна состојба, што значи дека уредбите на Владата ќе паднат во вода и потоа нема да може да продолжат да носат одлуки и ќе биде потребно функционално Собрание. Која опција според Вас е потребна за да не се закочи носењето на важни одлуки за време на епидемијата?
Одговор: Вонредната состојба не е прашање на желба на Стево Пендаровски, ниту на Зоран Заев, ниту на СДСМ , вонредната состојба во моментов е потреба во Македонија затоа што има сериозна здравствена и економска криза и вонредната состојба треба да продолжи да егзистира не додека сака Стево Пендаровски или СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, или било кој друг, туку се додека има потреба за таа работа, а во моментов гледаме дека има потреба. Она што зачудува во тоа интервју е тоа што целосно претседателот на државата се стави во функција на СДСМ. Јас зборував на оваа прес конференција, за мене зачудувачки, шокирачки дека претседателот на државата одбива на дневен ред на лидерска средба да го стави најбитното национално прашање за државата, а тоа е европската интеграција на државата поврзана, односно условена со бришење на се што е македонско во оваа држава, јазик ,народ и историја. Така да мислам дека Стево Пендаровски треба да се стави во улога на претседател на државата, а не во улога на партиски потпарол.
Новинарско прашање од Вечер : Синдикатот на дипломати во МНР реагира на три дисциплински постапки покренати за нивни вработени. Се збори дека има политичка позадина, ваш коментар за тоа?
Одговор: Ја видов реакцијата вчера на синдикатот поврзана со 1-ви Мај, и мислам дека се работи за континуитет на едно одмаздничко однесување на Никола Димитров во министерството за надворешни работи, каде што секој кој што не се поклонува на неговата замислена величина со која што тој таму се претставува во министерството бидува казнет, затоа што кога ќе излезе надвор од министерството нема никаква величина. Луѓето го сметаат за човек кој што го предаде македонскиот народ со потписот во Преспа и потписот со другиот договор со Бугарија и затоа тој има потреба внатре во министерството да го доживуваат како величина и сите кои не се подвинуваат на таа работа, а си ја работат работата чесно, професионално и одговорно бидуваат казнети. Сега со три нови случаи, од она што јас го имам како сознание се работи за смешни случаи, како на пример зошто се комуницирало со македонската дијаспора или зошто се промовирал брендот Македонски, затоа што за Никола Димитров ќе беше подобро да се промовира некој друг бренд од некоја друга соседна држава. Но, сакам да порачам на сите кои во моментов се под притисок на Никола Димитров да се однесуваат одмазднички кон своите колеги во министерството за надворешни работи да престанат да го прават тоа, бидејќи доколку на било кој начин постапат незаконски за тоа ќе има ревизија после промената на владата во Република Македонија и сите кои постапиле незаконски ќе одговараат.
Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ