Јас знам дека состојбата во државата е многу лоша и дека малодушноста често оди со лоша состојба, но не смее да го фаќа луѓето малодушност и мора масовно да се излезе на избори за да се направи промена, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното шоу со Богдан Илиевски на телевизија Алфа.
На прашањето зошто власта на СДСМ и ДУИ бега од референдумско изјаснување за францускиот предлог, Николоски вели дека владата бега затоа што е свесна каков ќе биде резултатот бидејќи народот е против овој предлог.
Затоа што се свесни каков ќе биде резултатот. Народот е сериозно против овој бугарски предлог и знае врхушката на СДСМ што ќе се случи на референдумот, односно знаат дека народот ќе го одбие овој предлог и тоа масовно со огромна излезност. И знаат дека никакви блокади и повици за бојкот од нивна страна, притисоци на јавна администрација нема да успеат да го натераат народот да не гласа. Народот ќе гласа и договорот ќе падне на референдум, кажа потпретседателот Николоски.
Референдумот е највисоката демократска алатка која што една демократија може да ја направи, западните демократии тоа го прават често на бројни прашања, Швајцарија е најпозната но и останатите прават често референдуми. Еве во соседството во април месец имаше избори во Унгарија, паралелно со изборите имаше и референдум на неколку прашања. Така што тоа е најдобриот начин за народот го каже сопственото мислење, објасни тој.
Во однос на ретерирањата од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски за референдумското изјаснување Николоски вели дека првично Пендаровски сакал да им се допадне на граѓаните, но откако добил како што рече тој две заушки од страна на оние кои што го направиле претседател морал да го смени својот став, оценувајќи го Пендаровски за најпразна фигура на македонската политичка сцена.
Имајќи во предвид дека знаат какво ќе е мислењето на народот и се свесни, и затоа бегаат од референдумот, односно Пендаровски прво се залета, мислејќи дека на тој начин ќе се допадне на народот, потоа доби две заушки од тие кои што го командаат и кои што го направија претседател, и мораше да се врати назад. Иначе се работи за најголемата измама и фасада на политичката сцена во Македонија, се работи за најпразната фигура на македонската политичка сцена, за еден човек кој што има фасада а нема суштина, кој што е празен, изјави Николоски.
Николоски посочи дека францускиот предлог е всушност истиот оној договор за кој зборуваше Зоран Заев уште во 2020 година но поради масовните протести од страна на граѓаните во организација на ВМРО-ДПМНЕ се откажале, за денеска после две години истиот да го потпишат.
Овој договор кој што сега помина со Бугарија е истиот за кој што зборуваше Заев 2020 година, нема разлика. Тогаш почнаа масовни протести во тек на месеците ноември и декември и мислам дека тогаш се откажаа од договорот само заради масовните протести. Сега веќе дојде нож до коска, мораше нешто да направат и го потпишаа истиот договор, нагласи потпретседателот Николоски.