Во двата повика од Министерството за транспорт, Општина Струга за неполни две години доби 5,6 милиони евра за реализација на капитални инвестиции. Поддршката продолжува, заеднички работиме на големи инфраструктурни проекти – изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој имаше работен состанок со градоначалникот Менди Ќура и изврши увид во градежните работи на булаверот Туристичка.

Николоски и Ќура на состанокот ги утврдиле приоритетите за следниот период.

– Преку Министерството за транспорт се градат булаверот Туристичка, вреден 175 милиони денари, и улицата Источноколекторска, која се спојува со „Туристичка“, а во соработка со Светската банка имаме проект кај Езерски Лозја, кој се финализира и за кој денеска добивме уверување од изведувачот дека до крајот на следната недела работите ќе бидат завршени во целост и ќе може да биде пуштен во употреба – истакна Николоски.

Со поддршка на Владата, преку МЖСПП, додаде, се работат и неколку канализациски системи.

– Се работи канализацискиот систем во Враништа, мрежа од речиси седум километри, но ќе видиме дали ќе можеме да додадеме уште еден километар мрежа. Зборувавме и за нов проект – колекторот да продолжи до магистралниот пат од Струга до Охрид и кај Мислешево да се направи уште еден кружен. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Општината и заеднички да работиме на големи инфраструктурни проекти – потенцира вицепремиерот и министер Александар Николоски. (МИА)