Отсекогаш сум против отворање на рудници во Струмичко и тоа ми е конзистентен став. Суштината на проблемот не е само во доделување на концесијата туку поголем проблем е кому е доделена, затоа што кога ќе видите на кого е доделена по дефиниција знаете дека нема да почитува еколошки стандарди, дека нема да работи како што напишал на хартија и дека таму ќе биде катастрофа, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето поткаст на „Радио Лидер“

Николоски појасни дека кога Заев формираше влада прва работа што направи беше договор со Бојко Борисов за добрососедство и пријателство кој не чини заглавување во европските процеси и шокови на општеството, но не беше само тоа договор, туку имаа уште 5 работи.

– Требаше да купат Бугарите тука голема банка, да купат телевизија, да добијат оптички кабел со кој ќе може да работат, да купат болница и рудник, а тоа беше Иловица. Заев за рудникот им испорача. Претходните сопственици на концесијата беа ставени во ќош, им се одзеде концесијата и им беше кажано дека единствен начин да се поврати целата работа е да ја продадат на бугарскиот олигарх кој се занимава со метали и рударство, Цоло Вутов. Тој преку свои оф шор компании на Кајмански острови регистрирана во куќа во која и Обама има зборувано дека е со најмногу фирми во светот, влезе во Иловица. Јас прв го изнесов во јавност, а потоа имав бројни закани кои ги издржав како и се друго, не паѓам на тие работи, истакна Николоски.

Николоски посочи дека првиот проблем е што таму влегува сомнителен капитал преку оваа бугарска врска, а за да биде работата дополнително замрсена во струмички ресторан кој се вика Концепт се случува средба на која оди цело семејство Дестани и потоа да влезат со малцински удел во фирмата и концесијата, а судот почнува магично да ги менува одлуките.

– Проблемот не е дали Македонија сака да развива рударство, туку дали ќе се уништи со тоа цела Струмичка котлина, а овде е многу извесно дека ќе уништи, најмногу заради природата на капиталот кој е сомнителен. Затоа целиот грев е на оваа влада на СДС и ДУИ која овозможува таков сомнителен капитал да влегува во Македонија, потенцираше Николоски.