Бројот на патници на двата македонски аеродроми до крајот на годината ќе достигне околу 4 милиони патници, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“. Според Николоски, растот во воздушниот сообраќај е значително поголем од првичните очекувања, а тоа се должи на новата политика на субвенционирање.

„Кога бев избран, мислев дека ако стигнеме до бројка 3,5 милиони патници на двата аеродроми до крајот на мандатот, дека ќе бидам презадоволен, но веќе оваа година ќе имаме околу 4 милиони патници на Скопскиот и Охридскиот заедно. Скопје очекувам да биде некаде околу 3,6 милиони патници, а Охрид од 350 до 400.000 патници“, рече Николоски.

Како една од причините за значителниот раст во последните две години, Николоски ја посочи политика на субвенционирање на авиолиниите.

„Овој енормен раст во 2025 и 2026 година е директен резултат на новата политика на субвенционирање која што ја воведовме. Ние воведовме политика на субвенционирање по патник на доаѓање, која што ја нема ниту еден аеродром во регионот“, истакна Николоски.

За споредба, потенцираше Николоски, пред само две години кога оваа Влада стапи на функција, бројот на патници на двата аеродроми беше 2,4 милиони.

На шпекулациите дека се укинувале одредени линии, Николоски посочи дека дел од јавноста треба да има предвид дека авиосообраќајот функционира според летен и зимски ред на летање, поради што одредени линии се достапни само во одреден период од годината.