Авиокомпанијата „Визер“ ја прошири својата база во Скопје со седми авион со што Скопскиот аеродром се вброи меѓу првите  бази на „Визер“. Додавањето на уште еден воздухоплов во базата во Скопје значи повеќе дестинации и поголем број на френвенции на летови. Благодарение на дополнителниот авион беа отворени две нови линии до Палермо и Алгеро, авиолинии чиишто први летови беа реализирани на 15 и 18 јули.

Ова, според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е големо достигнување, нешто што многу национални авиокомпании не можат да се пофалат.

– Ако не се лажам, ова е трета најголема база којашто Визер воопшто ја има и се надевам за многу брзо време Скопскиот аеродром ќе стигне и на второто место по број на пласирани, односно по број на авиони коишто се поставени на аеродромот. Ова е големо достигнување, нешто со што и многу национални авиокомпании не можат да се пофалат и затоа јас често знам да кажам дека Визер практично стана национален авиопревозник на Македонија. Бројките го покажуваат тоа, дестинациите го покажуваат тоа, изјави Николоски на прес-коонференцијата организирана на Скопскиот аеродром.

Ваквите успеси, според Николоски, не се случајни и се резултат на заедничка работа.

– Само компанијата Визер, ако минатата година превезе милион и 700.000 патници, веќе за првите шест месеци оваа година превезе милион и 200.000 патници, што јасно го покажува растот. Во првите шест месеци на двата аеродроми Охрид и Скопје има два милиони патници. Се надевам таа бројка да продолжи и во вториот дел од годината и ако пред неколку години се боревме за два милиони патници годишно, сега мислам дека она што беше незамисливо, а тоа се четири милиони патници годишно е нешто што реално е остварливо, изјави Николоски.

За генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, овој седми воздухоплов е многу повеќе од оперативна одлука, претставува силна потврда за потенцијалот на Македонија, партнерството меѓу ТАВ Македонија и Визер и јасен сигнал за иднината на домашниот воздухопловен сектор.

– Секој дополнителен авион создава нови работни места за пилоти, кабински персонал, земски служби, техничко одржување и аеродромски услуги. Истовремено, се поттикнува растот и на други сектори како туризмот, угостителството, транспортот и трговијата. Повеќе патници значат повеќе гости во хотелите, повеќе посетители во рестораните и поголеми приходи за локалните компании. Подобрите и подиректни воздушни врски им овозможуваат на компаниите полесно да воспоставуваат деловни контакти, да пристапуваат до нови пазари и да привлекуваат инвестиции, подвлече Курт.

Од ТАВ Македонија се особено горди што меѓу 15-те аеродроми со кои управува ТАВ Аеродроми, ТАВ Македонија бележи највисок раст на бројот на патници во текот на оваа година.

– Во првите шест месеци од 2026 година, аеродромите во Скопје и Охрид заедно опслужија речиси 2 милиони патници и реализираа повеќе од 13.000 летови. Тоа претставува раст од 28 проценти во патничкиот сообраќај и 7,6 проценти во бројот на летови во споредба со истиот период минатата година. Зад овие бројки стојат милиони лични приказни и патувања: луѓе кои ги посетуваат своите семејства и пријатели, туристи кои откриваат нови дестинации, посетители и гости во нашата земја и компании кои создаваат нови деловни можности, рече Курт.

Фото: МИА