Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во „Клик Плус“ на ТВ21 кажа дека очекува партијата да издвојува најголема победа на една опозициска партија во историјата.

„Очекуваме да добиеме 55-56 пратеници, а можеби и повеќе“, рече Николоски и додаде:

-Бројките се одлични. Анкетите како доаѓаат секоја е подобра од претходната. Веќе на недела, две, три можете да ја видите разликата и ако продолжи овој бран, а мислам дека ќе продолжи, ќе имаме убедливо најдобар резултат којшто било која опозиција го освоила на избори и ако на пример до пред некоја недела бројките беа 53, 54, 55 пратеници, сега можам да кажам дека се 55-56 пратеници, а ништо чудно да одат и нагоре, истакна Николоски.

Тој исто така додаде дека главната заложба на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе биде самостојно да формира влада за да не зависи од никого и да направи суштински промени во Македонија.

„За да направиме суштински промени во Македонија, ние мораме целосната постава на владата да ја смениме. Ниеден од овие два клучни партнери во владата не смее да е дел од следната влада. Инаку нема промени, да не се лажеме. Така што и СДСМ и ДУИ треба да одат во опозиција ако сакаме промени, потенцираше Николоски.

Тој исто така упати апел до граѓаните масовно да излезат на гласање и да дадат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи само така работите можат да се менуваат на подобро.

-Затоа е замолницата до граѓаните, масовно да излезат на избори и доколку сметаат дека Македонија оди во лоша насока и во лош правец и дека животот е лош, да не подржат нас како ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да ги менуваме работите во Македонија. Би сакале да имаме чист мандат, и да не зависиме од никого. За коалиции ќе разговараме по изборите, вели Николоски.

Тој кажа и дека по победата ВМРО-ДПМНЕ ќе ги диктира условите.

„Ако сака некој да влезе во коалиција, мора да ја прифати нашата програма. Ако сака бујрум, ако не да сме здрави и живи. Ја преферираме албанска опозиција и биле среќни ако имаме со нив коалиција“, рече Николоски.

Тој уште еднаш повтори дека уставни измени под бугарски диктат ќе нема.

„Уште еднаш по којзнае кој пат ќе кажам, уставни измени под бугарски диктат нема да има“, вели Николоски.

Тој претходно кажа дека ВМРО-ДПМНЕ од албанските партии, сака да коалицира со сегашната албанска опозиција.