Претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, доктор Игор Николов на гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител се осврна на повеќе актуелни теми како набавка на вакцини и прпусти во справување со последиците од корона пандемијата.

„Флоскула е кога велат дека сме прва држава во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници, тоа не е вистина. Вакциниран е многу мал дел од здравствените работници. Дополнително правото на вакцини е неприкосновено, а вакцини во Македонија нема“, рече Николов.

Доктор Николов укажа на сите пропусти кои ги направи министерот за здравство, Венко Филипче.

„Пропусти има во континуитет. Првиот бран помина без лична заштитна опрема, вториот без медикаменти, болнички места, третиот бран минува без вакцини“, рече Николов.

Николов се осврна и на последната мерка воведување на полициски час.

„Има многу прашања како дали мерката е вистинска во даден момент или закаснета, се следат ли епидемиолошки параметри, се почитуваат ли веќе постоечките мерки. Одговорот е не. И сега одат со една генерализирана мерка“, смета Николов.

Тој посочи дека доколку би бил министер, а ситуацијата е ваква каква што е прво што треба да се направи е оставка.

„Министерот Филипче треба да си даде оставка. Нема справување со последиците на корона. Доблесно е да си поднесе оставка, особено по ова денес што го видовме и слушнавме. Замислете се преговарало се контактирало за набавка на вакцини, а очигледно целта била лични бенефити. Се надевам ќе се испита оваа работа и ќе има резултати од сево ова“, кажа Николов.