Вчерашниот ден веројатно беше еден од најтешките денови од почетокот на епидемијата со Ковид. За жал, веројатно вакви тешки денови ќе бидат пред нас и понатаму, ова преку прес-конференција го истакна Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

-Вчера бројката на потврден заразен медицински персонал беше најголема до сега, а сето тоа доведе да се најдеме во една ситуација кога главниот удар на епидемијата и пикот на епидемијата се уште не се дојдени, а бројката на заразен медицински персонал претставува или причинува околу 20% од сите заразени. Ваквото сценарио никому не му одговара, но всушност тоа ја отсликува елементарната неподготвеност на системот предводен од СДСМ, не само да одговори туку и да ги заштити оние кои треба да ја водат борбата со епидемијата и оние кои  се во првите редови,  вели Николов

Тој додава дека на грешките и пропустите на министерството и Владата ќе ги разгледуваме откако ќе помине оваа криза, а сега ни е се најважно здравјето на граѓаните, здравјето на оние кои што се во првите борбени редови се борат со короната и со Ковид, а тоа се здравствените работници. Има бројни недостатоци во условите кои што институциите им ги овозможуваат на медицинските лица, затоа уште еднаш ќе апелираме за момент да се заборави голиот ПР и популизмот и да се спроведат следниве мерки со цел да ги заштитиме медицинските лица и медицинските работници:

  1. Ургентно да се преземат мерки за обезбедување на соодветна опрема на персоналот и заштита на персоналот, негово штедење и ротации преку точно подготвен и испланиран Бел план за функционирање на здравствените институции. Да се земе во предвид набавка, централна со која што ќе се набави доволно количество на опрема.
  2. Да се почитуваат препораките на СЗО, а тоа е да се тестираат што поголем број на граѓани и да се почитува мотото „Тестирај, тестирај, тестирај“! Свесни за нетранспарентноста на институциите во однос на капацитетите за тестирање, уште веднаш мора да се излезе со конкретни бројки, наместо со политиканство да почне веднаш да се тестира.
  3. Да се направат напори да се вклучат сите расположливи средства и сите расположливи институции во земјата, како Медицински факултет, Фармацевтски факултет, Академијата на науките и уметностите, Земјоделскиот факултет да се вклучат во изведување на тестовите и на тој начин да се зголемат бројот на тестовите.
  4. Да се тестираат особено ризичните групи, како здравствените работници. Доколку ја имаме имунолошката слика на здравствените работници, ќе можеме да знаеме кои се оние кои што го прележале заболувањето и кои би можеле повторно да се вратат на првите линии, со цел да помогнат на населението.

-Апелираме, порано апелиравме и сега повторно апелираме, да се воведат посериозни рестриктивни мерки и прогласување на карантин на градовите со најмногу инфицирани и заболени Скопје, Куманово и Струга. Премногу се чека и доцни, а секоја задоцнета реакција граѓаните ја плаќаат со двојно повеќе штета по нивното здравје. Регионите од каде што има и најмногу починати се практично најзагрозени за понатамошно ширење на болеста. Повторно предлагаме подготовка на големите спортски објекти за згрижување на поголема група пациенти. Мораме да бидеме подготвени за борбата со овој вирус, да бидеме подготвени за борба со Ковид-19, а не да се сликаме само за гол популизам додека ни умираат луѓе за кои после смртта сме дознале дека причината била корона. Воедно и потенцираме дека мора да се тргнат суетите настрана и да се продолжи со барање на меѓународна помош во опрема, материјали и експерти. И повеќе од потребно ни е меѓународна помош, за да не биде подоцна доцна, заврши Николов.