Обединетите Арапски Емирати (ОАР) се заинтересирани за инвестиции во Македонија и презентирње на новите технологии во земјоделството, тврди министер за земјоделство Љупчо Николовски од Дубаи.

Ова денеска на Николовски, му го соопштил министерот за климатски промени и животна средина на ОАР, Тани бин Ахмед Ал Зејуди, под чија ингеренција е и секторот земјоделство.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, на работниот состанок во Дубаи Ал Зејуди порачал и дека ОАР стојат на располагање за размена на искуства во делот на нови технологии за модернизација на македонското земјоделство. Воедно најавил посета на Македонија во рамки на која ќе го разгледа слободното земјоделско земјиште и можноста за инвестиции.

Според Министерството, се отвора можност за идна соработка со македонските домашни фирми преку Еколошкиот економски совет на ОАЕ кој е под директна супервизија на министерот за климатски промени на ОАЕ и каде членуваат огромен број на компании.

На состанокот биле презентирани и политиките за справување со климатските промени, поволните услови за инвестирање во македонскиот агросектор и можноста за извоз на македонските овошја и зеленчукови производи во Дубаи.

Министерот за климатски промени изразил задоволство што Македонија прв пат ќе учествува на Меѓународниот саем за храна „Gulfood“ во Дубаи во 2020 година. Министерот Николовски доби покана на овој саем да присуствува заедно со приватни компании од ОАЕ  меѓу кои и „Carrefour“, како можност за презентација на македонските земјоделски  производи и нивен извоз во Обединетите Арапски Емирати.