Источниот регион доживеа пресврт во овој период од две и пол години, направивме многу работи преку кои се гледа дека животот тука се враќа. Домаќински работиме, изјави носителот од Коалицијата „Можеме“ во ИЕ3 Љупчо Николовски, за вестите на ТВ Сител.

Директно од Источниот регион, од Карбинци тој порача дека во овој регион има уште многу да се сработи, но за тоа треба план, одговорност и чесност.

– Имаме мерки со кои ќе се стимулира растот на плата. Покачувањето што се случи на просечната плата не е случајно. Тоа е резултат на низа мерки и политики кои беа преземени, а не беа преземени претходните 11 години. Денеска таа плата е 14.500 денари и во време на кризата ќе ја одржиме и до крајот на следниот мандат ќе ја покачиме на 20 илјади денари.  Зголемувањето на минималната плата, предизвика серија покачување на платите во многу други сектори, образование, здравство, одбрана, нагласи Николовски.

СДСМ за кратко време, додаде тој, отвори 60 илјади нови реални работни места, ја зголеми поддршката во делот на земјоделството, обезбеди грантови од 20 илјади евра за младите земјоделци, обезбеди стипендии за стручно образование за децата на земјоделските семејства.

– Обезбедивме грантови од 15 илјади евра за старт на нови бизниси. Го враќаме достоинството. Доаѓа период кога ќе ги извезуваме македонските брендирани производи, наместо како што беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ да ги извезуваме младите Македонци надвор, рече Николовски.

Тој оцени дека граѓаните на 15 јули во третата Изборна единица ќе имаат едноставен избор, бидејќи противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ му е човек зад кого има многу афери и сомнежи за криминал.