Новиот генерален секретар на СДСМ Љупчо Николовски вели дека негово било барањето да отстапи од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-СДСМ направи длабинска анализа во претходниот период, заедно со претседателот и Централниот одбор на вчерашната седница по четиричасовна демократска и отворена дебата со огромно единство ги констатираше оставките на генералниот секретар и потпретседателите на партијата, со што се отвори можност за избор на нови. Токму затоа барав да отстапам од позицијата министер за да може длабински, темелно и целосно да се посветам на надградбата на внатрешната организација на партијата, вели Николовски во централниот дневник на 1 ТВ.

Промената во партијата, како што истакнува, значи дека се констатирани слабостите и оти е потребна надградба на целиот систем и отворање на партијата за професионални и квалитетни луѓе.

Според Николовски, целата постапка би требало да трае околу три недели, а паралелно ќе се бира и новото раководство затоа што во моментов е разрешен и Извршниот одбор.

На прашање дали е човек на Радмила Шекеринска или на Зоран Заев, Николовски одговори дека во СДСМ постои огромно единство.

-Постои огромно единство во СДСМ. Вчерашната дебата покажа дека такви одлуки се носат во една силна демократска атмосфера. Имаше различни ставови за различни политики, секогаш сме имале отворена дебата. И претходно имало членови од партијата, раководството или Централниот одбор кои различно дискутирале од претседателот Заев. Но имаме огромно единство, нашата цел е победа на следните парламентарни избори, рече Николовски.