Министерот за земјоделство Љупчо Николовски очекува лозарите да ја добијат дополнителната поддршка за неисплатеното винско грозје до крајот на март годинава.

Како што рече денеска на прес-конференција во Владата, процедурата за исплата ќе зависи од времето што му е потребно на Државниот земјоделски инспекторат за обработка на податоците. Тоа веројатно ќе трае околу 15 дена.

-Државниот инспекторат од утре ќе направи јасен пресек колку должници има, истакна Николовски, нагласувајќи дека трудот на лозарите мора да се плати.

Во врска со реализацијата на долгот од двете винарии што државата, министерот објасни дека има правни механизми што мора да се испочитуваат за средствата да се влеат директно во државниот буџет.

Министерот Николовски најави и дека пред Свети Трифун ќе бидат исплатени 14 милиони евра субвенции по површина за лозарите.