Лондонската фирма Henley&Partners, што обезбедува советување за државјанство и престој, објави ревидирана листа на најмоќните пасоши во светот, на која патните исправи на Јапонија и Сингапур се први и можат да патуваат во 192 земји без виза.

Таканаречениот индекс Хенли се базира на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА), која од 2006 година редовно ги следи најдобрите пасоши во светот, јави Си-Ен-Ен. Рангирањето на јачината на пасошот се мери врз основа на тоа во колку земји во светот може да се патува без виза со одреден пасош. Бидејќи при креирањето на новата листа не беа земени предвид привремените ограничувања, носителите на најмоќните пасоши – Јапонија и Сингапур, можат да патуваат без визи во 192 земји низ целиот свет.

Тоа се 166 повеќе дестинации отколку што можат Авганистанците, кои се на дното на листата и кои можат да влезат само во 26 земји без виза. Кога станува збор за земјите од регионот, најдобро рангирана е Словенија, чиј пасош е на 11 место и чии граѓани можат да патуваат во 181 земја без виза. Следува Хрватска, чиј пасош е на 18 место, Србија на 39 место, Македонија на 47 место, Црна Гора на 48 место, Босна и Херцеговина на 54 место.

Последниот извештај на Хенли покажува дека глобалниот јаз во слободата на патување никогаш не бил поголем.