Претседателот Ѓорге Иванов утре ќе се обрати на 73. Генерално собрание на Обединетите нации кое годинава се одржува на тема „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите. Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества.
Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, вчера присуствувал на отворањето на генералната дебата на Генералното собрание на ОН и остварил билатерални средби со јорданскиот крал Абдула Втори, со Владимир Воронков, заменик-генерален секретар на ОН задолжен за контра-тероризам и со надбискуп Пол Ричард Галагер, секретар за надворешни работи на Ватикан.
На средбата со јорданскиот крал Абдула Втори биле разменети мислења за билатералните односи при што заемно е констатирано дека двете земји негуваат пријателски и партнерски односи, без отворени прашања. Иванов посочил дека Македонија има интерес за унапредување на билатералните контакти со средби на повисоко ниво и за интензивирање на економската соработка и проширување на обемот на трговска размена при што заеднички е констатирано дека за ова е потребна институционална поддршка од двете држави.
На средбата со потсекретарот Воронков биле разменети мислења за улогата на Македонија во борбата против меѓународниот тероризам и постојаните и директни закани од терористичките мрежи. Иванов истакнал дека Македонија ина интерес за учество на цивилен и воен персонал во телата на Обединетите Нации кои креираат политики за справување со глобалните закани. Потсекретарот Воронков се заблагодарил за придонесот на Македонија во сеопфатната стратегија за борба против тероризмот и борбата против насилниот екстремизам, потенцирајќи дека во нареден период ќе предложи соодветен пакет за институционално зајакнување на државите од Балканот и учество во проекти за поголема безбедност.