Формирањето Комисија за неотуѓиви права, која би го истражила значењето на човековите права за администрацијата на Трамп, е како формирање комисија за повеќепартиска демократија за Саудиска Арабија или комисија за спречување на гладот за Северна Кореја, пишува Њујорк тајмс.

Би било урнебесно смешно, ако не беше толку злокобно.

Најавувајќи го формирањето на новото тело, државниот секретар Мајк Помпео рече дека администрацијата „многу сериозно ги сфаќа идеите на основачите за индивидуалната слобода и уставната влада“. Истата недела, претседателот Доналд Трамп уште еднаш покажа непочитување на Уставот, откако на Твитер напиша дека претседателската функција ќе ја напушти „за шест, или 10, можеби и 14 години (шега)“.

Ха-ха.

Доживотно владеење е една од оние идеи кои Трамп продолжува да ги вшприцува во националната потсвест – како шега, се разбира. Претседателот оперира на ист таков подмолен принцип: корупција преку повторување.

Трамп на Твитер се нарече себеси „вистински стабилен гениј“. Сега главниот гениј одлучи дека дошло време да се испитаат тврдењата за кршење на човековите права и, според зборовите на Помпео, конечно да се утврди „кои права треба да се почитуваат“.

Автократите низ светот, од Путин во Русија, па до Си во Кина, групите за заштита на човекови права одамна ги гледаа како тројански коњи за либералните демократски агенди. На овој начин, всушност, тие се обидуваат да го свртат вниманието од грубото кршење на човековите права. Се чини дека Америка на Трамп се подготвува да се приклучи кон клубот на скептици. Тешко е да се замисли поголемо откажување од вредностите за кои се залагаше Америка уште кога Еленор Рузвелт ја иницираше нацрт-универзалната декларација за човекови права во 1948 година.

Администрацијата ги отстрани репродуктивните права од годишниот извештај на Стејт департментот за човекови права. Ја разводни неодамна усвоената Резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации за жртвите на силување во вооружени судири. Се повлече од Советот за човекови права на ОН. Во Комитетот за човекови права на ОН и Комитетот за елиминирање на расна дискриминација нема претставници на САД.

Каква игра тогаш игра Помпео кога ќе праша „Што значи да се каже или да се тврди дека нешто е човеково право?“ и додава „Како можат да станат човекови права, права кои ги поседуваме не како привилегии кои ни се загарантирани или кои на некој начин дури и сме ги заслужиле, туку врз основа на хуманост?“

Современите човекови права се засноваат на достоинството својствено за секое човечко суштество. Тие не се ниту дадени од Господ, ниту дадени од Трамп, и важат за луѓе од сите вери, па дури и за оние што не веруваат во религија. Тие подразбираат слобода на говор, печат, собири и вера; подразбираат право секаде пред законот луѓето да се третираат како луѓе, како што е наведено во Универзалната декларација. Тие подразбираат борба против дискриминација врз основа на раса, етничка припадност, инвалидитет, пол или сексуална ориентација. Изгледа дека намерата на Помпео е сето тоа да се смени.

Федералниот регистар во мај објави дека владината агенција ќе обезбеди „свежи размислувања за дискурсот на човековите права, таму каде што тој дискурс ја изгубил поврзаноста со основачките принципи на нашата нација за природното право и природниот закон“. Природното право се однесуваше, се разбира, на ропството и дехуманизацијата на црнците, но и обесправеноста на жените.

Не сугерирам дека Помпео сака да се врати на тоа, но „природното право“ од 1776 година не се човековите права во чија кодификација учествуваа САД во 1948 година.

Верските права за Помпео јасно се човекови права, што се однесува на другите, сè уште е нејасно. Помпео на чело на комисијата ја назначи Мери Ен Глендон, професорка од Харвард, која е позната како жесток противник на абортусот и истополовите бракови. Тоа тело е доминантно конзервативно и религиозно.

Нема веродостојна причина за оваа чудна иницијатива. Трамп сега, откако покажа дека свесно ги занемарува човековите права, сака и да ги редефинира. Во тој обид ќе се одрази неговиот презир кон владеењето на законите, слободните медиуми, независното судство, геј-луѓето, малцинствата, женските репродуктивни права, безбедноста на децата мигранти, вистината и пристојноста – како и неговата бескрајна наклоност кон прекршувачите на човековите права. Ова, со други зборови, е катастрофа во најава.