Силниот ветер разгоре повеќе од 100 пожари во две австралиски држави, а огнената стихија уништи илјадници хектари земја во некои области, соопштија локалните власти.

Силниот ветер, исто така, ги одложи летовите до и од Сиднеј, најпрометниот аеродром во Австралија, каде една писта беше затворена три часа.

Пожарите започнале порано од вообичаеното во Квинсленд и Нов Јужен Велс, оцени противпожарната служба. – Оваа рана сезона е без преседан, рече Нил Галант, заменик комесар за пожарите во Квинсленд.

Бирото за метеорологија предупреди на силен ветер, чија брзина се движи околу 90 километри на час.